Членот на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во гостување на радио „Лидер“ говореше за низа скандали кои беа актуелни деновиве, меѓу кои и на недобивањето парична помош од солидарниот фонд на ЕУ.
Како што истакна Милошоски, Македонија не се нашла на списокот земји што ќе добијат помош исклучиво поради вина на Владата.
Ова да не беше трагично, навистина ќе беше многу смешен изговор од страна на вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, поранешниот министер за надворешни работи. Тој очигледно во обид да ја релативизира оваа би рекол непријатна вест од Брисел се обиде да каже колку Македонија била успешна во справувањето со пандемијата – истакна Милошоски.
Милошоски додаде дека ЕУ уште во март минатата година објави дека ќе има еден солидарен фонд. И од солидарен фонд ќе можат да се надоместат одредени трошоци направени од земји членки на ЕУ, но и од земји кандидати за членство, а се поврзани со справување со пандемијата. Тој солидарен фонд изнесуваше 530 милиони евра. Од коишто гледаме дека Србија добила 12 милиони евра, Хрватска добила 7.5 милиони евра, Албанија добила еден милион евра, а Македонија добила нула евра.
Првиот обид на Владата да релавитизира беше дека ние успешно се справуваме, но од друга страна имавме една изјава од ЕК дека Македонија воопшто не ни аплицирала, го пропуштила рокот. Според мене, претпоставувам дека власта го пропуштила аплицирањето затоа што во јуни минатата година приоритет и беа изборите и делењето на пакети со салама и макарони, наместо да им бидат приоритет мерките со коишто можат да им помогнат пациентите, здравствените работници, како и на самите граѓани – истакна Милошоски.
Тој го посочи и второто објаснување на Владата зошто го пропуштила аплицирањето за солидарен фонд бидејќи Македонија не потрошила 30 милиони евра и затоа немало да ги добијат парите од ЕУ.
Ако Македонија потрошила само осум милиони евра, а не потрошила 30 милиони евра, тоа значи дека Македонија четири пати помалку се обидела да понуди добри здравствени квалитетни и економски услуги за граѓаните. Владата требало во март, април, мај, јуни минатата година наместо да дели пакети со салама и макарони да купи 20 амбулантни возила, да купи респиратори, да купи апарати за кислородна поддршка, да направи доопремување и обука на болниците и здравствениот персонал. Да им купи на здравствените работници скафандери, заштитна опрема, но тие сами си ја купуваа за да се заштитат при работа од Ковид-19 – истакна Милошоски.
Исто така, Милошоски се осврна и на тоа што деновиве во Собранието пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман за Законот за пратеници.
Ниеден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош и ние во текот на овие ден-два до Собранието како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме еден амандман кој што ќе се однесува на Законот за пратеници, Законот за избори, каде што ќе пишува дека кандидат за пратеник во Собранието на Република Македонија може да биде лице кое што има само државјанство на Република Македонија и нема ниедно друго двојно државјанство – изјави Милошоски.
Тој посочи дека во тој момент ќе се види од власта кој ќе биде за, а кој ќе биде против овој амандман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.