Неоснован и политички монтиран случај е „Моќник“, изјави за новинарите пратеникот Антонио Милошоски по одложеното рочиште.
Деновиве ги известив и поканив овој предмет да го следат “Коалицијата за правично судење”, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на ЕУ, со цел самите да се уверат дека се работи за арбитререн правно неоснован и политички мотивиран случај. Обвинителниот акт е компромитиран по два основи, прво истрагата ја почнала специјалната обвинителка Катица Јанва, која се занимавала со рекетирање, а продолжена е од нејзината другарка Фетаи, за која Државниот завод за ревизија утврди дека незаконски земала надоместок од 87.000 евра од СЈО. Свесен сум дека дел од обвинителството е под директна контрола на власта и затоа очекувам тие да го користат аргументот на силата, но одбраната со силата на аргументите ќе докаже дека случајот е правно неиздржан и има политичка димензија и цел, рече Милошоски.
Ова е единствен предмет кој беше отворен од СЈО, а сега го води редовното обвинителство, во кој на обвинителна клупа треба да седне Милошоски. Се товари за делата измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Со него, обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и осум нејзини члена. Една од членките на оваа комисија, која беше обвинета, во меѓувреме почина.
Милошоски, неговиот татко и повеќето од вкупно 13 обвинети утрово се појавија во судот, меѓутоа дел од нив се наоѓаат во изолација поради позитивен тест за ковид-19 или контакт со позитивно лице, што беше една од причините да се одложи денешното прво рочиште. Меѓу оние што отсуствуваа поради ковид-ситуацијата е претседателот на поранешната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и ексградоначалникот на Македонски Брод. Тројца члена на поранешната Лустрациска, пак, имале неуредна покана и не се појавија во судот.
Судијката Ленка Давиткова следното рочиште го закажа за 23 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.