Конфликтот помеѓу Филипче и Пендаровски е повеќе од реален, зошто е тоа моја проценка, за тоа што здравствената криза сериозно ескалира и државните органи вклучително и претседателот и Владата, и министерот за здравство добро знаат дека оваа ескалација нема да запре тука, ниту на здравствен, ниту на економски план. И мислам дека ваквото покажување со прст од страна на претседателот Пендаровски кон министерот за здравство Венко Филипче е посочување на одговорноста, истакна Антонијо Милошоски пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисија „Што не е јасно“.

Милошоски додаде дека Пендаровски лоцира кај Филипче вина, лоцира дека проблемот постои во здравството, дека има големи штетни последици, а дека одговорниот за тоа лошо менаџирање е министерот за здравство.

Во тој дел јас сметам дека проценката е точна. Уште од декември месец министерот за здравство манипулира со јавноста кога ќе стигнат вакцините, дека сме спремни, дека само што не стигнале кинески вакцини, „Фајзер“, „Модерна“, „Спутник“ итн. А, во изминативе три месеци додека тој манипулираше здравството, граѓаните и економијата ги доживеаја најтешките удари врз државата кои што не се случиле од 2001 наваму, нагласи Милошоски.

Милошоски посочи дека тој во однос на вакцинирање на граѓаните во Србија не ја гледа вината кај граѓаните, бидејќи тие спас го бараат само. А, го бараат спасот надвор од државата бидејќи власта не може да им обезбеди вакцина за да се заштитат од смртоносниот вирус КОВИД-19.

Имаме два концепти, еден концепт на една неспособна влада во Република Македонија која што на своите здравствени осигуреници навреме не им нуди здравствена заштита. И друг концепт на способна влада,а тоа е пример во соседна Србија која што и за своите граѓани, но и за соседството има доволно капацитет да понуди одредена помош. И во тој дел, а поврзано со Советот за безбедност кој што денес се одржа кај претседателот Пендаровски моето мислење е дека Македонија во изминативе три месеци изгуби значаен дел од својата здравствена сувереност. Здравствениот суверенитет на една држава е нераздвојна компонента од безбедносниот суверенитет. И Македонија заради неспособноста на Владата изгуби дел од својот суверенитет во здравството и безбедноста на сметка на Србија. Но не по вина на Србија туку по вина на неспособноста на Владата, рече Милошоски.

Милошоски кажа дека ова е голем срам за македонската влада, и навреда за македонските граѓани кои плаќаат здравствено осигурување но не добиваат од државата вакцини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.