Не знам зошто Мицкоски е опседнат со мене. Тој е единствениот политичар во Европа што се занимава со млад бизнисмен што инвестира во државата и сака да остане тука. Мицкоски и Апасиев по природа се деструктивни личности, затоа што во последниот период, освен нешто да кочат и да напаѓаат, друго не сме виделе, вели сопственикот на „Никоб“ Кирил Лазаров во гостувањето на емисијата „Утрински брифинг“.
Сепак, јадовите на овој „млад и надежен бизнисмен“, кој „сака да инвестура и да остане тука“ имаат заднина, која не е воопшто толку невина, колку што звучи неговата денешна изјава. Од каде потекнува „револтот“ на Лазаров кон Мицкоски и Апасиев? Секако, од можноста да пропадне една профитабилна зделка со државата и власта во заминување.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека измените на Законот за здравствена заштита се всушност обид Итната медицинска помош да ја добие фирма блиска до премиерот Зоран Заев. Тој тврди дека станува збор за фирма чија примарна дејноост е обезбедување, а која е ангажирана во сите јавни објекти како и во компаниите од електроенергетскиот сектор.
Тоа е една омилена куќа за обезбедување на власта присутна и во електроенергетските компании, присутна во сите јавни објекти и тоа им беше малку и сакаат дополнително да влезат и во здравствениот сектор, односно да обезбедат да дадат приватна услуга за брзата помош, рече Мицкоски.
Струмичката фирма Никоб, која јавноста ја знае исклучиво по дејноста обезбедување лица и имоти, преку блиските врски на газдата Кирил Лазаров со премиерот Зоран Заев и со неговиот брат, бизнисменот Вице Заев, забрзано се проширува во многу стопански дејности, вклучувајќи ја и медицината.
Обезбедување, земјоделство, винарство, одгледување марихуана, енергетика, медицина – и сево ова за три години, брзина што не можат да ја постигнат ниту најголемите инвестициски фондови.
За илустрација, само во тендери за обезбедување на државни институции, претпријатија и фирми во кои државата има удел, Никоб добил тендери во висина од 21 милион евра.
Според барањата на тендерот објавен во октомври 2018 година, агенцијата Никоб ќе треба физички да ги обезбедува објектите на државните органи, да ја гарантира личната сигурност на лицата кои работат во објектите на државната управа и да одржува ред во просторот што се обезбедува. Под нејзина надлежност ќе биде и видеонадзорот на објектите.
Агенцијата за обезбедување Никоб била најповолен понудувач на 3-милионскиот тендер на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија за физичко обезбедување на повеќе од 30 државни објекти во наредните три години, стои на веб страницата за јавни набавки, објавено на почетокот од седмицата.
Од трите фирми кои се пријавиле, две биле одбиени и Никоб останала единствен наддавач на електронската аукција.
Уште пред година и половина портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски објави дека постои сомнеж дека преку агенција за обезбедување се испумпуваат парите од профитот што го остварува универзалниот снабдувач заради поголемиот процент кој му го продаваат државните претпријатија по повластена цена. Оваа агенција за обезбедување, рече Арсовски на прес-конференција, има склучено и други договори за обезбедување со други државни претпријатија кои што се под капата на СДСМ и семејството Заеви.
Ова е шемата и начинот за испумпување на државните пари и парите на граѓаните, на конто на семејството Заеви, за да се богатат тие самите и да имаат пари во кеш, црни пари за да можат да вршат поткуп. И сето тоа на штета на граѓаните, односно го плаќаат граѓаните.
Да сумираме, од ЕВН и државните институции и претпријатија, агенцијата за обезбедување добила тендери во вредност од над 21 милион евра. Сега веќе се јасни бизнис релациите на Заеви со приватната агенција за обезбедување, која пак е нивни параван и јасен е начинот и сумите за испумпување пари на граѓаните во семејството Заеви и СДСМ, рече Арсовски на прес-конференцијата на 30 август 2020 година.
Тој ги наведе и институциите за кои опозицијата се сомнева дека служат за испумпување пари за семејството Заеви преку договори за обезбедување, а токму за овие институции агенцијата Никоб го добила 3-млионскиот тендер во 2018 година.
Општина Ѓорче Петров на 18.06.2020 година склучила договор во висина од 11.795.280,00 денари, на која ова ѝ е втор договор со истата агенција.
Општина Аеродром платила 7.079.929 денари за договор за обезбедување склучен на 31.12.2019 година, односно на денот на Новата година.
Корисник на услугите на оваа агенција е и Петре Шилегов, кој преку Град Скопје склучил договор во вредност од 11.999.995 денари на 01.08.2019 година, на кој исто така му е втор договор со оваа агенција, а првиот бил склучен на 19.09.2018 година и бил со висина од 7.680.034 денари.
Пари оваа агенција земала и од Струмица гас, фирмата благодарение на која струмичани плаќаат најскап гас во светот, од каде што инкасирале 1.178.454 денари со договор склучен на 03.04.2020, а и претходната 2019 година инкасирале 1.180.000 денари или вкупно околу 2.5 милиони денари.
Како корисници на услугите се јавуваат и општина Струмица од каде што потекнува истата агенција и Зоран Заев, Катастарот на недвижнини, ЈП Нискоградба Битола и други државни институции или претпријатија во државна сопственост.
Никоб има и лиценци за марихуана и гради плантажи за одгледување, бинис кој е во целост во рацете на луѓе блиски до СДСМ и Заеви.
Од вкупно 31 доделена лиценца, од кои десетина се доделени во месец декември 2019 година, поголем дел се распределени на фирми чии сопственици се блиски до Владата на Заев и СДСМ, обвини ВМРО-ДПМНЕ уште во јануари минатата година.
Фирмата Канналифе ДОО Ивањевци Могила е една од фирмите која добила лиценца, инаку фирма чиј сопственик е фирмата ‘Арекспорт Струмица’, чиј краен сопственик е Митра Лазарова, мајка на Кирил Лазаров, сопственикот на ‘НИКОБ обезбедување’. ‘НИКОБ обезбедување’ важи за фирма блиска до Владата на Заев и има добиено бројни тендери, од кои најпознат е тендерот во вредност од околу 3 милиони евра каде што ја обезбедуваат Владата и уште триесетина државни институции, објасни Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
И пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, предупредува дека министерот за здравство Венко Филипче се обидува да отвори врата за приватизација на Брзата помош пред неговото напуштање на функцијата.
Министерот за задгробен живот, пред заминување, покварено се обидува да отвори врата за приватизација на Брзата помош, преку навидум безначајна измена на Законот за здравствена заштита!!!, пишува Апасиев, споменувајќи го „Никоб“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.