Анализирајќи ги завршните годишни сметки на здравствените установи кои вршеа лабораториски испитувања за време на корона-кризата, iстражувањето што го направи „А1он“, покажува дека тие имале енормен раст, не толку во делот на приходите, туку во делот на нето-добивката што ја оствариле. Бидејќи нема опција да се споредат единствено лабораториските испитувања, бидејќи дел од здравствените установи вршат и други дејности,истражувањето ги прикажува конечните приходи и добивки споредбено, меѓу 2019 и 2020 година од официјалните документи.
Па така, приватната лабораторија „Биотек“ во 2019 година имала приходи од околу половина милион евра, а годината ја завршила со добивка од околу 20 илјади евра. Според завршната сметка на „Биотек“, 2020 година завршува со приходи од 2,8 милиони евра и нето добивка од 1,5 милиони евра. Со други зборови, добивката на оваа приватна лабораторија е за 77 пати повисока од 2019 година, а приходите се повисоки за повеќе од 5 пати.
ПЗУ Авицена лабораторија – Скопје во 2019 година имала приходи од 2,2 милиони евра, а добивка од над 175 илјади евра. Веќе наредната година, приходите на оваа лабораторија во Скопје се зголемуваат двојно, на 4,6 милиони евра, а добивката на 1,5 милиони евра, односно девет пати повеќе.
Лабораторијата „Синлаб“ во 2019 година, според завршната сметка, имала приходи од 1,8 милиони евра, а веќе во 2020 година, приходите растат на 2,4 милиони евра. Расте и добивката, од 94 илјади евра на 432 илјади евра, односно за четири пати повеќе.
Лабораториски испитувања се вршеа и во приватните болници „Жан Митрев“ и во „Систина“. Според годишните извештаи, не бевме во можност да видиме точно колку пари од граѓаните се одлеале во овие две болници за лабораториски испитувања бидејќи станува збор за болници кои вршат различни дејности, но сепак, бројките зборуваат дека приходите и профитот на овие две институции рапидно растат за време на корона-кризата.
Целото истражување на А1он
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.