„Чест и задоволство ми е да застанам овде пред вас и да ви се обратам вам драги сограѓани, вам со кои секојдневно го делиме истото разочарување од оваа локална и централна власт. Ветуваа тие живот за сите, ветуваа чист воздух и чиста вода! А сега, после 4 години да ве прашам дали живеете подобро? Дали ви се подобрени условите за живот? Стандардот? Дали од платите ви останува и за нешто друго, освен за сметките? Дали дишевте чист воздух овие 4 години“, запраша кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, Марјан Миленковски на митингот.
Миленковски додаде дека од СДСМ донесоа само прав и магла со празни зборови. И само тоа, зборови и само зборови! Зборуваа за политичка култура, а забораваат како истите тие со невиден восхит аплаудираа на досега невидени гестикулации на еден премиер.
СДСМ на чело со нивниот градоначалник ја уназадија општината како за 40 години! Општината не е повеќе сервис на граѓаните, сега е сервис на бизнис интересите на една групација собрана околу него! Што добивме за овие 4 години? Колку и кои проекти ги реализираше Ладич, освен двете екстремно скапи преадапации? Ништо не реализираше! Нула нови индустриски зони, нула нови инвестиции, само еден погон за марихуана, но и тој се уште е само една мала барака! Нула вложувања во животната средина! Нула нови водоводи, во ниту едно село да не се направело нешто! Го уништија и претходно изграденото – истакна Миленковски.
Миленковски посочи дека граѓаните на општина Пробиштип заслужуваат многу повеќе!
Заслужуваат да имаат општина која ќе работи за нивните интереси и потреби! Заслужуваат да имаат општина која ќе биде отворена за нив, а не забарикадирана со не се знае колку врати.
Јас, заедно со мојот тим, и најважно заедно со вас граѓаните, во недела, ќе ги донесеме промените во нашата општина! Одговорно, од овде, ветувам, дека после 17-ти октомври ќе имаме целосна отвореност и транспарентност на општината и јавните институции, каде што ќе преовладува квалитетот на вработениот, а не неговата политичка припадност. Општина каде нема повеќе да чекате денови, недели и месеци за документот кој ви треба – нагласи Миленковски.
Миленковски вети изградба на основата за новиот економски развој! Со формирање на нови индустриски зони, со изработка на Стратегија за локален економски план и со поволни локални економски политики ќе се привлечат нови инвеститори, со нови работни места, со поголеми плати.
Со изградбата на патот до Пониква, ќе создадеме услови за нејзин голем туристички, но и економски развој! Во Пониква ќе бидат отворени нови работни места, наменети претежно за младите лица! Токму тоа е и вториот столб на кој ќе бидам силно посветен, задржувањето на младите, овде во своите домови – рече Миленковски.
Миленковски додаде дека третиот клучен столб за развој на општината е животната средина.
Од ова место ветувам дека конечно, конечно експертите ќе се ангажираат за решавање на јаловишната депонија. Со знаење и издржани студии, а не само декларативно и со предизборни празни зборови. Ќе поставиме дополнителни мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот. Ќе го уредиме и кејот на Злетовска и Киселичка река. Ќе изградиме пречистителни станици за отпадни води!Ќе започнеме со поставување на подземни контејнери за да имаме чиста околина – вети Миленковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.