Европските земји, како и Македонија, изминатите денови мораа да да ги ажурираат дигиталните вакцинални сертификати отакако на хакерски форум се појавил оглас, каде се нудат валидни дигитални ЕУ сертификати по 300 евра.

Холандскиот јавен радиодифузер РТЛ го контактирал огласувачот, кој за да им демонстрира дека не станува збор за измама, им изработил QR код од Франција на име Адолф Хитлер, роден на 1 јануари 1900 година. На новинарите од РТЛ им порачал дека може да издава QR кодови само од Франција и Полска, но бидејќи станува збор за реципроцитетен договор на ЕУ, тие кодови важат во сите земји членки.

Набрзо потоа ширум Европа започнаа да се објавуваат слични такви QR кодови од дигиталниот ЕУ сертификат со секакви имиња, па дури и на анимирани ликови како Мики Маус и Спанџ Боб.

Министерството за здравство вчера соопшти дека во текот на завчерашниот ден, граѓаните кои имаат генерирано ЕУ сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk , треба да генерираат нов преку веб-порталот. Станува збор за безбедносен протокол со што се спречи користење на лажни ЕУ сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

Сите земји што имплементирале EUDCC , како што се посочува, се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни. Меѓу нив е и Република Македонија.

Како дел од ваков напад на систем, завчера трети страни успеале да изгенерираат четири лажни EУ сертификати, со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека истите примиле вакцина во Република Македонија.

Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, ЕУ сертификатите на граѓаните на Република Македонија се одново генерирани. Секој граѓанин може на многу едноставен начин, за помалку од една минута, да го преземе својот личен EУ сертификат преку пристап на порталот vakcinacija.mk, посочуваат од Министерството за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.