На средбата на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис што се одржа денеска во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, е изразена поддршка од страна на грчкиот премиер за отварање преговори со Европската унија и потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Македонија, информира владината прес-служба.

Според грчките медиуми, Мицотакис му рекол на Заев дека тој лично немало да го потпише Договорот од Преспа, но додал дека по ратификацијата е дел од меѓународното право и Грција треба да го почитува.

На средбата присуствува шефовите на двете дипломатии, Никола Димитров и Никос Дендиас, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот под премиерот на Грција и владин портпарол, Стелиос Пецас како и советничката на грчкиот премиер за надворешна политика Александра Пападопулу.

На почетокот од средбата, како што јави дописничката на МИА од Атина пренесувајќи објави на грчките медиуми, премиерот Заев на неговиот грчки колега му честитал за победата на изборите, а Мицотакис му се заблагодарил и му објаснил дека Грција ќе следи нов тек на раст.

Во соопштението на владината прес-служба, пак, е наведено дека на средбата премиерот Заев истакнал дека нашата влада е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.

Владата е подготвена за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Грција и Македонија, како што е предвидено со Договорот од Преспа, историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји, рекол Заев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.