Не може да се споредува проблемот на ЕУ со вакцини и нашиот проблем, потенцира активистот Ивор Мицковски.
Прво, ЕУ реши да игра заеднички, групно, со исклучок на Орбан кој настапува независно и има повеќе вакцини од една Италија на пример.
Потоа проблемот на ЕУ е бирократски, односно проблем на немање јасен лидершип кој би издејствувал поголеми контингенти вакцини, затоа што преговорите ги водат евробирократи.
Трето Европа се откажа од играње со цените, за на тој начин да не може некоја земја да понуди повисоки цени.
Европа згреши затоа што мислеше дека ќе ги дели вакцините како да е СССР, кога не е СССР.
Здравствениот централизам во овој случај се покажа како погрешен и неефикасен, вели тој.
Зборувајќи за Македонија и нашиот проблем со вакцините, пак, вели:
Мала земја, сиромашна да, но која има доволно пари за 3 децениски криминал да издржи и невидени политички бенефиции, плус и цената на мултиетничка држава и ДУИ, но сепак како суверен субјект можеше, доколку нејзините лидери и функционери беа доволно агилни, а не заинтересирани само за провизии, да обезбедат вакцини за помалку од 2 мил. народ.
Притоа, сме ги одбиле Русите уште во август.
Наводно ни се нуделе кинески по цена од 2€, но сме го отфрлиле и тој дил. Сега ќе купуваме по цена од 20€, пошто и глобалната побарувачка е поголема.
Фајзер не ни одговара, пошто очигледно сме несериозни и не сакаме да увезуваме вакцини како суверена држава, туку користиме приватни фирми (погодете зошто).
И конечно, нашите се направија поголеми Католици од Папата, па заради врските со Западот избегнуваа се што доаѓа од Истокот.
Така да, нашите грешки се само на нашето политичко раководство, на желбата за профит, на неефикасноста и неоодговорноста.
Не можеме да се вадиме ни на ЕУ, ни на Ковакс, ни на ништо, само ние сме си одговорни, потенцира Мицковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.