Македонија, не заборавајте, е нашето сè. Нашата вера, нашата љубов, и денот, и ноќта. Нашата муза, и нашата мајка. Тоа е она што сме ние самите, нашето семејство, нашата челад. И затоа не е сеедно, и затоа боли, боли до срцето кога гледаме што и прават на нашата земја. 8 Септември не е почетокот, туку продолжението на една славна борба, борба за слобода. Кога ќе речам 8 Септември, мислам и на ВМРО, и на Илинден, и на АСНОМ, на сите славни јунаци од нашата историја кои живеа, се бореа, оставаа семејства и се жртвува за една цела Слободна автономна Македонија – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го започна својот говор на свечениот настан во организација на ВМРО-ДПМНЕ, по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

На астанот кој се оддржа во Гази Баба тој додаде дека 8 Септември се идеалите и на Гоце, и на Питу, и на Даме, и на Ѓорче. Тоа е и пркоста на Александров, но и љубовта на Прличев и на Мисирков.

Тоа е преданоста на Шатев и Панко, на Ченто, но и сонот на Драган Богдановски. 8 Септември е и на комитите, и на партизаните, на мудрите луѓе на ВМРО, но и на СДСМ, оние кои веруваат во Македонија и се колнат во ова парче земја. 8 Септември е на Македонија. Тоа не треба никој да го заборави, без разлика од која политичка партија доаѓа. Сите вие и должите се што сте постигнале во вашите животи на ова парче земја што се вика Република Македонија. Никој не треба да сонува за туѓи држави. Ова е земјата што ги израснала и ги направила тоа што се. Единствена Република Македонија. Сите овие имаа сон, а генерациите после 8 Септември имаме обврска да го оствариме тој сон. И после 28 години своја независна држава вистинското прашање е дали успеавме да изградиме држава каква што сонувавме, каква што сакавме и во каква сакаме да растат нашите деца? Ќе бидам она што секогаш сум, брутално искрен. Ќе кажам дека сме на работ да не успееме! Тоа е волнара вистина.

Да, на работ сме да не успееме, затоа што станавме криминализирано општество, држава со каста на одбрани луѓе кои владеат со нашата земја и управуваат со човечки судбини. Вистината е дека Македонија ја има се помалку во секој поглед. Апатија и депресија владеат кај луѓето кога гледаат дека за овие 28 години не се успеа да се изгради механизам кој ќе гарантира правда, законитост и чесност. И тука не сакам да амнестирам никого кој се огрешил кон овој народ и земја. Има такви доста. Но имам полно легитимно право жестоко да ги критикувам овие сега кои се власт, затоа што нивното ветување беше дека ќе има живот. А гледаме дека живот има се помалку, а пекол се повеќе. Во овие последни три години имаме украдена и одземена држава. Народoт не чуствува дека е заштитен од сопствената држава, се отиде дотаму да се чуствуваат како кираџии во сопствената држава – рече Мицкоски.

Тој се наврати и на спотот на Владата за Денот на независноста. Вели спот направен од владата насловен боите на независноста. 45 секунди каде се збори дека ќе се слави независноста, но ниту еднаш, ниту еднаш никаде не се споменува зборот Македонија.

Зарем стигна дотаму да не стигматизираат нас, да не замолчуваат нас кои што едногласно ќе го кажуваме името Македонија. Денеска секој оној кој ќе крене глава и ќе се бор за своите правдини, имаат опозициони ставови, не го негува ипочитува ликот и делото на Зоран Заев завршува во истражниот затвор Шутка. Срам е ова. Голем срам. Па јавно да го прашам Зоран Заев чија независност славиш? На која земја се слави независноста на 8 Септември, ама да одговориш и што одлучија граѓаните на тој 8 Септември? Зарем толку е страшно, зарем толку е тешко да се каже дека на тој 8 септември огромен број граѓани одлучи да живее во независна, суверена Република Македонија – рече Мицкоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.