Денес има две вести важни за Македонија. Првата е лоша, но и очекувана, власта како почна-така завршува. Со газење на процедурите, силување на законите, непочитување на Уставот. Денот го завршуваат со закон за спас на криминалот на Заев, за спас на неговите соработници и слуги, и тоа донесен на незаконски начин, противправен и криминален.
Втората е добра вест. А тоа е дека Заев е готов. Владеењето со свиткана кичма завршува. Денес завршува најсрамната и најкриминалната епизода во поновата македонска историја. Завршува Заев.
Ова на денешната прес-конференција по распуштањето на Собранието го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека ова е денот за кој се обврзал пред неговите соработници, пред партијата кон која три години тие истите водат прогон. Пред народот кон кој сакаат да го избришат. Пред граѓаните кон кои удираа и ги осиромашуваа овие три години, дека оваа власт мора да падне, Заев и неговата анти народна и анти македонска влада да си замине и никогаш повеќе да не се повтори. Денес дојде овој ден.
Е за ова се боревме, и дотука дојдовме низ жестоки 25 месеци мое раководење со ВМРО-ДПМНЕ, со многу удари, паѓања кои преминаа во победи, неверувања кои се претворија во верба за победа. И ќе бидам отворен и искрен како и секогаш, имаше моменти кога ми велеа да се водам според емоцијата, тогаш јас се водев според разумот, и се што правев досега правевме за да дојде овој ден, тоа беше мојата стратегија. Да дојдеме до избори, да дојдеме до шансата народот да одлучува на избори на кој нашата победа е извесна. Да биде исправена една историска грешка, денот кога во собранието на Македонија беше избран Зоран Заев.
Зошто?
Затоа што народот најдобро знае што се помина низ овие три години власт на СДСМ и Зоран Заев, порача Мицкоски.
Додеде дека ова се три години на свиткана кичма, сменето име, избришан идентитет. На пазарење со најсветото, со историјата и одземање на иднината, трговци!
Ова се три години на неправда, брутален криминал и врзани очи на министрите и владата. Очите им се врзани пред сето ова затоа што тие се првите кои прават криминал. Не може државава да е прогласена за најкриминална во Европа, а ниту еден од власта да не одговара. Ова е време на Рекет, милионски провизии, бизнисмени кои сведочат за рекет, притисоци, кеш за обвинители, корумпирано и распаднато здравство, време кога летаат Луј Витон ташните. Ова е време кога Заев се ослободува од поткуп, гледаме како премиер се фали дека спонзорирал и знаел за рекет машинеријата на Јовановски, кога осудени криминалци се пуштаат на слобода. Кој одговараше овие три години додека Заев е премиер? Криминалците направија сојуз со власта, слугите на Заев си ги заштитија бизнисите преку тоа партнерство. Ова е време кога на површина излегуваат сите лаги на кои Заев правеше кариера. Ова е време кога го пуштија Игор Спасов. Нема правда ниту мир. Додека на родителите на децата од монструм Заев им ветуваше вистина, ги пушташе нивните убијци на слобода, додаде Мицкоски.
Посочи дека ова се три години без иднина.
Вратите на Европската Унија не само што не ги отворија, туку со неправдите не оддалечија. Секој ден сме се подалеку зошто немаат ниту една вредност која е европска. Планови како 3-6-9 и слични бројки остануваат само како срамни бројки кои сведочат за неуспехот на Заев. Повеќе од 200 илјади луѓе си заминаа за три години, затоа што овде животот на Заев не го најдоа и си заминаа, се отселија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски потсети и дека ова се три години на лаги и неисполнети ветувања.
Се сеќавате, 500 евра плата, 500 км автопатишта, 100 илјади денари плата за докторите, нов Студентски дом и нов Клинички кои ги нема. Чист алпски воздух кој исто го нема. Нема да редам повеќе, сите нив ги знаете, и нема да им биде тешко повторно да лажат, но сега веќе имате искуство и знаете дека од овие ветувања нема апсолутно ништо. Сега вие одлучувате и знаете што треба да направите. Да ги поразиме заедно, порача Мицкоски.
Се осврна и на таканаречениот марш за правдата, кој Заев го најави за утре.
Каква хипокризија и лицемиерие. Предводникот на неправдата овие три години ќе прави марш за правдата или во реалност марш за спас на милионите на Вицето, марш за спас на плантажите од марихуана на неговите роднини, марш за спас на Заев од Рекет, марш за спас на убијците кои ги пуштија на слобода овие три години. Патеката по која утре ќе чекорат е истата по која ќе си заминат после 12-ти април. Но, има една работа со која ќе се согласам, а тоа е она кога вели Заев дека одговорност мора да има. Одговорност ќе има и ти Зоран Заев ќе одговараш. Ќе одговараш, запамети ги овие зборови. Мора да има одговорност, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека за него лично и за неговата партија ова е битка на принципи.
И мојата визија за Македонија почива на три фундаменти. Прво, чесност и честитост по која работам. Второ, работа која мора да донесе резултати. И трето, одговорност, запамтете го ова добро, одговорност, зошто мора правда, правда за секого без оглед на политичката припадноста или политичка неприпадност, без оглед на името, без оглед кој со кого е близок. Мора Македонија да сврти нов лист. Нов почеток преку кој ќе ги поразиме оние кои ни носат порази, порача тој.
Сакам да се обратам, додаде Мицкоски, до чесниот и напатен народ, до граѓаните чии срца се стегнати поради неправдите, сиромаштијата, проблемите, доаѓаат подобри времиња.
Доаѓаат времиња кога ќе има повеќе за секого, ќе има стабилност и сигурно чекорење кон нашите стратешки цели. Повеќе за земјоделците, повеќе за работниците, повеќе за стопанството, повеќе за просветните и здравствените работници, повеќе за пензионерите. Повеќе за секого. Обнова базирана на чесност, принципи и правда. Обновата денес е неопходност, зошто руинирана ни е државата, зошто мора да завладеат вредностите. Обнова која ќе донесе силна економија и силна држава, победи во секое поле. Исправена кичма, чист образ и среќни лица. Ве гледам исправено пред вас и ви велам, ова е финалето на една битка за Македонија, битка за принципите и вредностите, и ова е мојата, мојата битка за мојата татковина во која што пораснав, создадов семејство и се борам за заедничката иднина. Обновата доаѓа, обновата која ќе решава проблеми. Одиме кон извесна, голема, неопходна и заедничка победа. ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА!, порача Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.