Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата Клан дебата на ТВ Клан, рече дека жали што министерот за здравство Венко Филипче избрал да му слугува на Зоран Заев и владата, а како резултат на нивната негрижа и институциите кои што ги менаџира владата секојдневно се зголемува бројот на починати од корона вирус.
Јас навистина жалам што господинот Филипче избрал да им слугува на погрешни луѓе. Сепак мислам дека е врвен професионалец и човек кој ако го работи тоа што го знае најдобро, ќе биде успешен. Но, за жал сега влегува во втора фаза од министерувањето кога влегува од грешка во грешка. Но, нема да го коментирам него, туку неговиот наредбодавач Зоран Заев – изјави Мицкоски.
Тој додава дека тоа што се случува сега со епидемијата е резултат на погрешните политики што власта ги спроведува од самиот почеток на ковид-кризата.
Од самиот почеток се погрешни политиките за справување со пандемијата. Денеска ова е само последица на овие погрешни политики бидејќи ништо суштински не е направено, а времето е загубено, зашто првиот бран се злоупотреби во политички цели.
Се исполитизира за Македонија да се задолжи една милијарда евра, а парите да се злоупотребат за поткуп на предвремените парламентарни избори.
И наместо да се подготвувавме за вториот бран, изјавуваа немојте да се грижите, подготвени сме, ја следиме ситуацијата, подготвени ќе го пречекаме вториот бран. Еве го вториот бран дојде, денеска имаме 21 граѓанин помалку во Македонија. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми умираат поради негрижата на оваа влада. Околу 42,6 проценти од тестираните се инфицирани, што е повеќе од пикот во Бергамо и во Шпанија – истакна Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.