Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев по повод 117 годишнината од неговата смрт. Тој по завршување на настанот одговараше на новинарски прашања, а беше прашан за следните чекори доколку во Македонија се случат брзи избори.
Задоволен сум што конечно и Заев признава дека не сме сите исти. Има политичари кои што власта не им е приоритет, туку приоритет им е здравјето на граѓаните и има политичари кои што сакаат да го ублажат поразот на следните парламентарни избори кога и да се случат и не водат сметка за здравјето на граѓаните, за економијата и сета онаа криза која што владее во државава и која што е резултат на вирусот ковид -19, кој што се случи и кај нас, не останавме надвор од она што се случуваше во светот, изјави Мицкоски на прашањето какви ќе бидат чекорите на ВМРО ДПМНЕ со оглед дека власта не крие дека планира брзи избори.
Заев утрово изјави дека нема проблем да има избори веднаш кога ќе заврши вонредната состојба и криза.
Јас во неколку наврати во минатото кажав и еве ќе го повторам тоа и денес, дека во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ не се избори. Прв приоритет е како конечно оваа пандемија да остане позади нас целосно, втор приоритет е да ја застанеме на нозе економијата бидејќи таа живот значи и третата работа е да ја вратиме самодовербата помеѓу македонските граѓани, бидејќи таа е изгубена, сето ова влијаеше врз самото чувство кај граѓаните и тоа е наш приоритет кој што сакаме да го вратиме.
Сите ние и вие знаме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи кога и да се случат тие избори, но ниту јас сакам бидам мандатар, а ниту ВМРО-ДПМНЕ да биде мандатар, а истовремено да ги брои илјадниците заболени од вирусот и десетиците кои ќе ги изгубат своите животи. Избори ќе се случат тогаш кога ќе има услови за фер и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на тие избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада која ќе ги санира сите последици кои што се резултат на оваа пандемија која што завладеа и тоа не треба да се грижат граѓаните.
Сосема на крај да сумирам, јас сум навистина задоволен што конечно и самиот Заев потврди дека на македонската политичка сцена не се сите исти, и те како сме различни. Има такви на кои што фотелјата им е пред се, има такви на кои што здравјето и животот на граѓаните им е пред се.
За иницијативата пред Уставниот суд колку што имам јас информација во минатото имаше поднесено една таква иницијатива која што требаше да ја оценува уставноста на распуштање на пратениците, тогаш уставниот суд ја отфрли како неоснована, слична некоја таква иницијатива претпоставувам ќе се најде на дневен ред сега или воопшто нема да се најде на дневен ред во среда. Да почекаме Уставниот суд да се произнесе и дури потоа ние како политичари ќе ја коментираме од наше гледиште одлуката која што ќе ја донесат уставните судии, одговори Мицкоски на новинарското прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.