Името на техничкиот министер за внатрешни работи, имињата на останатите предлози на ВМРО-ДМНЕ и можноста за промена на изборниот модел биле темите на кои разговарале премиерот во заминување Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. По средбата Христијан Мицкоски рече дека била конструктивна.

Би издвоил три теми од денешниот разговор со премиерот во заминување, Зоран Заев. Првата беше за името на техничкиот министер за внатрешни работи, втората тема беше посврзана со имињата на останатите предлози на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат дел од техничката влада и третата тема беше, што ја отвори господинот Заев, а тоа е околу можноста за изборниот модел и настаните во собранието околу тоа прашање. По првото прашање разговаравме за името, му го презентиравме, му ја презентиравме биографијата на лицето и во интерес на дополнителни консултации коишто тој треба да ги изврши јас не би го споменувал се уште нашиот предлог. Се договоривме за околу час, час и половина да се слушнеме телефонски за конечна потврда, но вака на прва немаше никакви забелешки, ниту пак имаше некакви дополнителни кометари. Станува збор за човек нов во политиката, човек врвен професионалец. човек со исклучително богата кариера во службата, онаму каде што досега работел и убедени сме дека ќе биде додадена вредност за безбедноста во нашата држава.

Поврзано со второто прашање како што се имињата на техничките министер за труд и социјална политика и замениците технички министри за земјоделие и администрација, од прилика слушнавме од премиерот во заминување, господинот Заев за профилот на личностите коишто очекува техничкиот премиер да ги добие од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се договоривме во понеделник пред да бидат објавени имињата ќе имаме телефонска консултација, а дури потоа откако ќе ја завршиме таа телефонска консултација, ќе ги соопштиме на јавноста.

За третото прашање, разговаравме и ние како ВМРО-ДПМНЕ изразивме спремност веднаш по завршувањето на овие избори, опозицијата и власта, кои и да бидат тогаш, а јас сум убеден дека тогаш владата ќе биде формирана од ВМРО-ДПМНЕ, а тогаш опозиција ќе биде СДСМ, ќе седнеме и ќе разговараме за промена на изборниот модел и примена на т.н. отворени или преференцијални листи на следните локални избори, посебно за листите на советници, рече Христијан Мицкоски.

На прашањето каков резултат очекува од изборите Мицкоски рече дека очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.