Добро вечер за општината која сум убеден дека на 17-ти октомври ќе биде меѓу првите која ќе ја крене раката на идниот градоначалник на општина Бутел и идниот градоначалник на градот Скопје, Дарко Костовски и Данела Арсовска. Оваа победа ќе биде круната на нашата борба за промени, за нова надеж и за убав Бутел и победа за нашето Скопје. Скопје заслужува промени, Бутел заслужува нов почеток и многу работа за бутелчани.
Oва на денешното претставување на кандидатот за градоначалник на Бутел го изјави претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
Колку власта е исплашена, колку само им се тресе душата од промените кои доаѓаат ќе видите по нападите кои оркестрирано ги прават и говорот на омраза кој го истураат врз Данела Арсовска. Не знаат кој правец да го фатат, а омразата ги заслепува. Па оној кој себе си се преставува за градоначалник на Скопје, кој камен на камен нема ставено во Скопје, цели 4 години уште не може да ги заврши проектите на неговиот претходник, но затоа пак поседува имот, слично како и неговиот лидер во партијата, а кој може да се мери со блиско источен монарх, истиот тој започна дебата дека Данела не била независен кандидат, рече Мицкоски пред граѓаните.
А тоа е така, додаде тој, зошто тие од СДСМ не може да сфатат дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно демократски капацитет за да препознае и признае квалитет надвор од нашите партиски рамки и затоа ИК и ЦК на партијата одлучи да застане цврсто позади идниот победник и идниот градоначалник на Скопје, а тоа Данела Арсовска.
А не може да сфатат зошто како што велат оние кои престануваат да служат на врхушката во СДСМ, признаваат и велат тоа е киднапирана партија. Тие истите што ја имаат киднапирано СДСМ, ја имаат и киднапирано и државата.
А бидејќи велат дека тука во ВМРО некој од некого се срамел, тогаш ќе им кажам што е вистински срам. Срамота е, и не само тоа, туку вистинско одлепување од реалноста е да си најбогат градоначалник на градот каде живее најсиромашно население. Срамота е луѓето да не те знаат по проекти, туку по 4 стана, хациенда и викендица, хациенда во една скопска населба еднаква колку цела една зграда, а најголемиот дел од народот живее притиснат во домови од по 60 квадрати и така неколку генерации прежвуваат во еден ист стан. Срамота е мистериозно да ти исчезнат 12.5 милиони евра од продажба на нова градска куќа, а градот да го оставиш во трули бараки. Срамота е и да се местат тендери на кои секогаш има само еден понудувач кој најчесто е и победник на тие тендери.
Но во исто време и знам дека тоа што е срамота за сите нормални луѓе, за власта не е. Зошто тие луѓе се целосно одлепени од реалноста и немаат врска што значи зборот срам. И толку за нив, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе води позитивна кампања, вели Мицкоски, зошто на народот му е преку глава да слуша што не чини, зошто сите ние ја живееме реалноста, време да чујат за што се бориме и што е тоа што ние ќе го понудиме и ќе го направиме за граѓаните.
На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со прецизна и би рекол револуционерно современа програма која ќе одговори на потребите на луѓето. Власта оди со празни флоскули, ние ќе одиме со нашето достоинство, чист образ и сериозна програма.
Мора народот да се разбуди од апатијата во која власта го доведе. Мора да кажеме дека ние сме единствената шанса за подобро. Не оние кои го крадат народот, не разно разните маргиналци кои имаат за задача да го ситнат отпорот и слабеат борбата против власта која причинува зло.
Ова се и избори за каква иднина сакаме. Тие досега удираа по народот, неговото достоинство, го удираа неговиот стандард, удираа со неправди и порази, време е народот да го врати ударот на овие избори. Пресврт за иднина и Македонија каква сакаме да видиме. За општина која е на сите луѓе, за Македонија која е на сите луѓе. Оваа победа е за секој еден човек на нашата земја.
Затоа нека 17 октомври биде денот кога ние референдумски уште рано наутро ќе излеземе и ќе гласаме за идниот градоначалник на општина Бутел Дарко Костовски и за идната градоначалничка на градот Скопје, Данела Арсовска, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.