Од власта видовме баш се, и чувме баш се. Ама програма не видовме. Како велат дека се најдобри а немаат ниту програма. Напишале некои скрипти од 4-5 страни и излегуваат без програма на избори. Мислат раката на срце и се завршила работата. Сигурно кога седнале да се подготвуваат за избори си рекле, што ќе ни е програма кога немаме ниту отчет, зошто и за едното и за другото треба да се помачат, вели Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг од Валандово.

Мицкоски рече дека програмите на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија содржи 14.835 проекти, повикувајќи ги граѓаните да создадат нова иднина, иднина основа на надеж и шанси за обичниот човек.

Програмите кои ние ги нудиме содржат вкупно 14.835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Поточно, гарантираме изградба или реконструкција на 2.000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини, дигитализација за ефикасни општини и многу други конкретни дела, рече тој.

Затоа нам ни треба да создадеме нова иднина. Нова иднина основана на надеж и шанси за обичниот човек. Надежта е способност да се види светлината и покрај сите темнини. Иднина и надеж која ќе донесе промени, проекти и победи. Иднина која ќе стави крај на сите порази и неуспеси во изминатите години.Иднина и надеж која ќе ја смени сликата за македонската политика. Иднина и надеж која ќе ги направи општините да им служат на народот. Иднина и надеж која ќе значи почит за земјоделецот. Иднина и надеж каде работникот ќе биде повисоко од политичарот, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.