На големо тече корона-кампањата на СДСМ за локалните избори во Штип и Пласница. СДСМ сам против здравиот разум брза кон изборна победа среде пандемија. И додека лидерот на СДСМ Зоран Заев по вторпат во здравствената криза смислува оправдувања за спроведување корона избори, на другата страна од политичката карта, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прави опозициски блок.

ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива првпат на иста маса

Ако пред четири години беше незамисливо лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да седне на иста маса со лидерите на двете најголеми опозициски партии од албанскиот блок, денеска тоа е реалност. Под покровителство на германската фондација „Конрад Аденауер“ Мицкоски, Села и Гаши си подадоа рака во името на евроинтеграциите на Македонија.

Пред почетокот на тркалезната маса на конференцијата „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека партиите ги обединува конзервативната ориентација, но и спроведувањето на реформскиот процес и борбата против корупцијата и криминалот.

Заедно со нашите пријатели во Македонија, Алијансата на Албанците и Алтернатива, можеме да придонесеме за брз напредок на нашата држава во евроинтеграциите, спроведувањето на реформскиот процес, и практично на македонските граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност и различните мислења. Она што нас нè обединува е десната конзервативна идеологија, но и реформите, рече Мицкоски.

Лидерот на АА Зијадин Села рече дека коалициите се градта врз основа на доверба, сериозност на лидерите и одржување на зборот, а додаде дека токму Зоран Заев е човекот кому му недостигаат овие квалитети.

Ние сме заинтересирани да соработуваме и се разбира за овие работи ќе бидете информирани во иднина како што се наближуваат локалните избори, вели Зијадин Села.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши рече дека доколку сега се подаде рака за соработка за општи интерес, тоа може да продолжи и понатаму.

Кога ќе дојде фазата на организација на локалните избори ние ќе седнеме, најпрво со Села, потоа и со другите партии да видиме што е најдобро за нас Албанците, за нашата земја, и ќе одлучиме, посочи Африм Гаши.

Штип ја обедини опозицијата

И токму локалните избори, но не редовните, туку вонредните за избор на грдоначалници на Штип и Пласница ја обединија опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, Алтрнатива, Глас за Македонија и Единствена Македонија се откажаа од учество на изборите  поради катастрофалните бројки на заболени и умерни од коронавирусот. Извесно е ако СДСМ и ДУИ не се вразумат, противкандидат да им биде само здравиот разум и никој друг. Во моменти кога дневно имаме по повеќе од илјада зарезени и дваестина починати единствено на што треба да се мисли е здравјето на луѓето, а не на гласање.

Единствена Македонија

Во актуелните околности кои ги прават овие избори да не се исти со кои било други избори, Единствена Македонија нема да учествува на избори во Штип и Пласница закажани за 13 декември од најмалку две причини: Првата причина е неучеството на повеќе политички партии, особено најголемата опозициска партија што ги прави изборите нелегитимни.\

Глас за Македонија

Како општествено одговорна партија, иако сме јавно предизвикувани да учествуваме на изборите, нашиот единствен одговор е: НЕ! Сметаме дека на уште едни „корона“ избори не треба да се настапува, иако имаме одличен кандидат. Тие нема да бидат ниту фер, ниту демократски, а најмалку безбедни. И еден изгубен човечки живот поради оваа сложена операција, ќе биде доволна причина да не влегуваме во опасна авантура.

Левица

Левица нема да учестувува на изборите бидејќи многу е сулудо во време на пандемија да се организираат избори.

-Пред два дена имавме презедиум и одлучивме дека нема да имаме кандидат бидејќи сметаме дека во време на корона е сулудо да имате избори, има ризици по јавното здравје и тоа е многу неиздржливо да правите избори за 8, 9 месеци до редовните избори во општина во која што веќе си добил градоначалник тоа е од СДСМ, вели Апасиев.

Интегра и Фродем се интегрираат во ВМРО-ДПМНЕ

Во средината на минатиот месец раководни структури на партијата Интегра преминаа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а истото го сторија и раководни структури од Фродем.

Имавме плодни разговори на теми за кои имаме различни мислења, но и на теми на кои имаме идентични мислења. Темите кои ги оптоваруваат нашите граѓани претставуваат наш заеднички именител и одлучивме отсега натаму заеднички да ги спроведуваме, рече Мицкоски.

Групации, здруженија на граѓани, поединци, политички партии се структурите кои ќе го окрупнат и омасоват опозицискиот блок против оваа мафија која се наоѓа во Владата, истакна тој.

Фродем наиде на братско разбирање за клучни предизвици со кои треба да се соочи ВМРО-ДПМНЕ и државата, па за таа цел преку ова заедничко делување Фродем ќе даде свој придонес во процесот на демократизација како и за победа на претстојните избори, најави една недела подоцна Љупчо Алексовски од Фродем.

Сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот во Извршниот комитет и Централниот комитет покажаа храброст и доблест да направат промени во Статутот со цел демократизација на партијата, тема од која другите политички партии бегаат како ѓавол од крст, рече Алексовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.