Сакам да се обратам до членовите на СДСМ, симпатизерите на оваа партија. Се повикувате на антифашистичката борба, и како сите во оваа земја го имате полното право на тоа. Но мора сега да бидете погласни и да се спротивставите зошто Зоран Заев не е Македонија. Бранејќи ја вашата партија од Заев секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики но имаме поголема заедничка цел, да го сочуваме нашиот образ и нашиот идентитет – посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот протест на кој симпатизерите на опозицијата, но и револтираниот народ од понижувањето на Македонија и македонската борба од страна на Зоран Заев, бараа оставка од премиерот.
Мицкоски се обрати и до десничарите, оние кои, како што рече, поради различни причини имаат забелешки кон ВМРО-ДПМНЕ.
Имаме опција сега да ни се придружите и да бидеме заедно и заеднички да победиме или да молчите вечно. Зошто нема оправдувања сега кога станува збор за Македонија – рече Мицкоски.
Но, лидерот на опозицијата се обрати и до „чесниот и неопределен македонски народ и до нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати кои разбираат дека на Македонците им е згазено достоинството и им треба поддршка“.
Знам дека сите вие сте напатени со милион проблеми, со лажни ветувања, се чувствувате измамени. Сега е време да се разбудиме зошто сега е моментот да промениме нешто, затоа што подоцна ќе биде предоцна. Нема да можеме да градиме држава, ако ја загубиме. Нема да можеме да создаваме иднина ако не се спротивставиме на сегашноста. Но, можеме да постигнеме се само ако бидеме заедно – рече Мицкоски.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е за пријателство и соработка со соседите, но не по секоја цена.
Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка. Но, не пријателство на свиткана кичма. Пријателството подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебе и да си помагаме. Ниту Бугарите немаат фајде од тоа ако не понижат. А особено боли кога, како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија, кога понижувањето доаѓа од својот род.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.