Внимателно ја следиме состојбата во Израел, значајното зголемување на насилствата, вклучително и постојаниот напад од ракетен оган од појасот Газа кон Израел. Испалувањето на ракети од Газа насочени кон цивилното население на Израел е целосно неприфатливо и дополнително ги зголемува тензиите во регионот. Истовремено го издвојуваме правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас, напиша на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој упати апел кон политичките лидери во Израел и во регионот да продолжат со вложување на искрени напори за деескалација на судирите и одлучно да дејствуваат против екстремизмот кој создава сериозни безбедносни проблеми и го загрозува животот на цивилното население.

Изразуваме длабоко сочувство за секој изгубен живот и посакуваме што побрза деeскалација на состојбите, што би значело мирен и безбеден живот за сите граѓани во тој регион, напиша Мицкоски.

Овој статус предизвика доста реакции на социјалните мрежи, каде радикални исламистички групации упатија закани кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ поради искажаниот став дека конфликтот треба да се реши, но и дека Израел има право да се брани кога е нападната од надворешна сила како терористичката Хамас.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека изјавата на претседателот на партијата не се однесува кон палестинскиот народ, ниту пак кон муслиманите, или пак арапскиот народ, туку кон правото на држава пријател на Македонија да ја заштити својата територија кога истата е нападната и гранатирана од паравоена формација.

Денес во Израел губат животи за жал подеднакво и муслимани, и Евреи и христијани. Водедно и оваа прилика апелираме на прекин на огнот, наоѓање на заедничко решение и смирување на тензиите и насилствата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Искажаниот став на Мицкоски е речиси идентитечен со оној на официјален Вашингтон. Американската влада изрази  загриженост и ги повика двете страни во конфликтот на итна деескалација. Претседателот на САД Џо Бајден, по телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази разбирање за реакцијата на Израел по ракетните напади од Хамас.

Моите очекувања и надежи се ова наскоро да заврши. Израел има право да се брани кога на негова територија стигнуваат илјадници ракети, рече Бајден.

Американскиот министер за надворешни работи, пак, Ентони Блинкен му дал налог на својот специјален претставник Хади Амр да отпатува во регионот на средба со претставници на двете конфликтни страни. Блинкен најостро ги осуди ракетните напади извршени од „терористичката организација Хамас“ од Појасот Газа врз израелски цивили, подвлекувајќи дека Палестинците имаат право да живеат во сигурност. Според Блинкен, САД и натаму остануваат приврзени на решението за постоење две држави, но новиот изблик на насилство ќе претставува големо оддалечување од оваа цел.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.