Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, на сите граѓани на Република Македонија да им го честитам 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот.
Оваа година работникот и неговиот труд како никогаш досега е девалвиран и потценет. Оваа година е најцрната економска година за Македонија. За една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6000 компании кои ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. Згора на сето тоа животот станува сè поскап, цените на основните намирници растат, поскапуваат горивата и струјата, а со тоа и трошоците на секое едно семејство. Безнадежноста и чувството дека се оставени сами на цедило го одбележуваат овој 1 Мај.
Чувството на горчина кај секој од нас не е само поради падот на стандардот, туку и поради негрижата и лошите политики на оваа власт, кои не даваат надеж дека наскоро работите ќе се подобрат. Да, пандемијата влијаеше врз нашите животи, врз економијата и стопанството, но во Македонија црните економски статистики и колапсот се најизразени во споредба со целиот регион. Сликата со правата на работниците и нивниот стандард никогаш не била потажна и поцрна.
Мерките кои оваа Влада ги преземаше беа или необмислени или задоцнети, па наместо конкретна помош се претворија во обична маркетинг шминка. Наместо ветуваните над милијарда евра помош, кај стопанството и кај работниците завршија само трошки. Токму затоа имаме состојба во која кај елитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија. Затоа, кај истата таа елита гледаме скапи мотори и хациенди, а кај огромно мнозинство на граѓани грижи како да ги платат сметките, како да ги вратат кредитите и како да врзат крај со крај во месецот.
Ќе се обидат со розови очила, статистички акробации, празни флоскули и излитени ветувања да убедуваат дека работникот живее подобро или повторно да ветат дека ЌЕ донесат живот, но тоа секој работник, секој чесен и честит граѓанин ниту го чувствува, ниту ќе го почувствува со оваа неспособна, неодговорна и најкорумпирана власт во Европа.
Време е тоа да се промени. Време е поразите и неуспесите да се заменат со чесна работа, посветеност и стратегија која ќе донесе добробит, подобар стандард и вреднуван труд.
Честит 1 Мај!
Честит Ден на трудот!, напиша на Фејсбук, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.