Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за порталот “Нетпрес” за скандалот со Макпетрол и ГА-МА истакна дека овој договор за ВМРО-ДПМНЕ не е завршена работа. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ којашто ќе биде формирана, на својата прва седница или на една од првите седници планира сериозно да го ревидира овој договор и да отпочне истрага за да се види како парите на граѓаните ги трошеа Зоран Заев, владата на СДСМ и менаџментот на „Макпетрол“.
Многу е важно јавноста да знае што се случува со тој случај затоа што гледаме дека се обидуваат да ја извртат вистината и да ја презентираат на еден поинаков начин повикувајќи се на европската-енергетска заедница и практично менаџментот на „Макпетрол“, којшто за волја на вистината до ден денеска се чудам и како воопшто успева да менаџира една таква компанија гледајќи ги нивните емотивни настапи и би рекол кавгаџиски соопштенија коишто како компанија ги лиферуваат во јавноста напаѓајќи ја, би рекол безочно, опозицијата и мене лично, се обиде оваа вистина да ја претстави дека ова е дел од процесот на преговори кон ЕУ или некаков си услов, рече Мицкоски.
Точно е дека е потребно Македонија да спроведе определен број реформи коишто се поврзани со Европската енергетска заедница, додаде Мицкоски но, Европската енергетска заедница не ја кажува цената по којашто Македонија како држава треба да го откупи делот којшто е сопственост на „Макпетрол“ во претпријатието ГА-МА.
Како тоа со бројки би изгледало? Ако процената, и едноставно може да го прочитате во предлог законот којшто се донесе во парламентот на дивјачки и насилен начин, ќе забележите дека практично претпријатието е проценото дека неговата вредност е околу 36 милиони евра. Ако овие 36 милиони евра ги поделите на два дела, бидејќи според процената државата има околу 50% и 1 акција, а претпријатието Макпетрол има исто така околу 50% и 1 акција, доаѓаме до бројка од 18 милиони евра, цена на чинење на тие 50% или таа 1 акција.
Државата плаќа повеќе од 32 милиони евра за таа 1 акција којашто би требало по логиката на нештата, по пазарната цена да ја плати за 18 милиони евра, тоа се дури повеќе од 14 милиони евра повеќе од тоа што е пазарната цена. Тоа е исто речиси двојна, тоа е исто како вие да појдете во маркет и пазарувате за вашиот дом, за вашето семејство, цената е 3.000, 4.000, 5.000 денари, а вие да речете – не сега сакам да ви платам 6.000, 10.0000 или 12.000 денари, објасни Мицкоски.
Според ВМРО-ДПМНЕ пазарот којшто го направил Зоран Заев со „Макпетрол“ е скандалозен, има основано сомневања и во јавноста е сеприсутна една информација дека практично на тој начин тие ја купуваат милоста на телевизијата којашто е практично сопственост на компанијата „Макпетрол“ за да нормално комплетно ја игнорира и цензурира опозицијата, а на сметка на тоа да ја фаворизира владата на Заев со парите на граѓаните, дециден е Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.