Вчерашниот настап на Вилма Рускоска уште еднаш ја потврди нејзината спрега со власта, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на прес-конференцијата пред партиското седиште демантираше дека одбивал соработка со обвинителката за организиран криминал и корупција.

Сега ми е јасно зошто Зоран Заев толку се прпелкаше веднаш да најде замена за Катица Јанева и тоа да биде Вилма Рускоска. Во обид да ја одбрани власта, во обид да скандализира нешто каде што нема простор, вчера во интервјуто за ТВ24 Рускоска изнесе груба невистина и ја манипулира јавноста дека не сум сакал да соработувам, рече Мицкоски.

Мицкоски пред јавноста го изнесе целиот времеплов од комуникацијата меѓу него и обвинителката.

На 26 јули госпоѓата Рускоска ми прати СМС порака, во која замоли да се слушнеме. Ѝ се јавив, ме замоли да се видиме, по што ја поканив во седиштето, на што таа рече дека на е пристојн ода дојде таму. Реков добро, прашав каде и што би била темата, на што ми кажа уште еднаш да поразговараме за актуелната ситуација, но и моја изјава за уцената која Јанева ми ја испорача на еден состанок и за кој веќе ја имав известено јавноста. Таа ми рече дека тој ден не е во можност, предложи термин. Тие деновиви не можев, поради густиот распоред, потоа таа кажа ќе оди на годишен одмор, и се договоривме по завршувањето на годишните одмори да се слушнеме и да имаме состанок. На 15 август кога се вратив од годишниот одмор ѝ испратив порака дека сум во Скопје. Добив одговор преку СМС дека ќе ме побара. На 11 септември беше прес-конференцијата која Рускоска вчера ја споменуваше, каде зборував за документите кои свиркач ги достави до ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека и тука не е вистинка нејзината изјава дека јас сум мавтал со некакви документи, па затоа ми се јавила, изјави Мицкоски, додавајќи дека до денес не е повикан.

Мицкоски рече дека е  вчудоневиден и  разочаран поради навистина лошата состојба во правосудството и тесната врска помеѓу власта, обвинителството и судството.

Сите овие искажани невистини, сите овие лаги кои што имаат единствена цел да му слугуваат на Зоран Заев. Се разбира сето ова кое што го кажав денеска, јас го поседувам и во форма на  докази и подготвен сум сето ова да го докажам. Но, поради пристојноста визави непристојноста на обвинителката која што вчера приватни разговори јавно ги коментираше на медиум, почувствував дека јавноста треба да биде информирана за вистината. А, јас секогаш ја говорам вистината и се трудам да се држам до фактите и до аргументите, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.