Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека оставката на Драги Рашковски од функцијата советник во кабинетот на премиерот е само прв морален чин, по кој оставка треба да си поднесе и целата Влада. Во изјава за медиумите, тој коментираше и дека Рашковски не може да си дозволи со својата плата да вози џипови од 70-80 000 евра и да гради хациенди.
Оставка треба да си поднесе цела криминална влада, а не само Рашковски. Тој одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенди со по илјадници квадратни метри, да летува и да дезертира во ек на пандемија, таму каде што беше, и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70-80 000 евра, ако се негови, такви информации излегоа во медиумите. Ако се потврди како точно, ова е уште еден срам и блам на оваа влада, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели ако Рашковски неколкукратно го зголемил својот имот може само да се замисли што се случува со премиерот Зоран Заев и другите функционери.
Срамота е ова што се случува. Оставката е прв морален чин, иако ова требаше порано да се случи, но ова треба да продолжи во континуитет со Владата. Она што можам да го кажам и како негов колега, се срамам што вакви луѓе се дел од Универзитетот иако сме од различни факултети, изјави Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.