Посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговата средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан доаѓа во време кога Орбан минува низ нов подем на неговото влијание во Европската Унија. По изборите за Европскиот Парламент, на кои партијата Фидеш на Орбан извојува убедливо најдоминантна победа од било која европска партија, унгарскиот премиер и водач на Вишеградската група средноевропски држави покажа дека неговото влијание допира и до срцето на Брисел.

За време на средбата во историскиот Кармелитски манастир во Будимпешта, локација резервирана за посетите на највисоките странски државници, Мицкоски и Орбан дискутираа за координирање на активностите на ВМРО-ДПМНЕ и Фидеш во рамките на Европската Народна Партија, каде двете се членки.

До пред само неколку месеци Орбан се соочуваше со притисоци од дел од бриселската политичка елита, при што социјал-демократските политичари ги притискаа по-центристичките кругови во конзервативната партија ЕПП да го отстранат Орбан од партијата. Десничарскиот блок во кој Орбан е еден од највлијателните водачи возврати на овие притисоци и покажа дека е доволно силен да влијае на решавачките одлуки како во ЕПП, така и во Европскиот Совет. Блокот на Орбан го торпедираше предлогот клучната позиција во ЕУ – местото претседател на Европската Комисија – да им биде препуштено на социјал-демократите, и тоа не на било кој социјал-демократ туку на холандскиот политичар Франс Тимерманс, познат по неговото упорно инсистирање да се воведат санкции против земји како Унгарија и Полска.

По надминувањето на кризата во односите со Европската Комисија, се очекува Орбан да биде во доста посилна позиција да влијае и врз надворешната политика на ЕУ. Се очекува Унгарија да го предложи поранешниот министер за правда Ласло Трошањи за член на Комисијата на Фон дер Лејен. Австрискиот кандидат Јоханес Хан се очекува да остане дел од Комисијата, но можно е да биде именуван во друг ресор, имајќи предвид дека досега не се случило еден кандидат да биде комесар за проширување два мандати по ред. Се шпекулира дека токму Трошањи е можно да биде предложен на местото на Хан, во позицијата преку која Брисел досега вршеше силно влијание врз балканските држави, честопати во полза на левичарските партии.

Европската Комисија досега замижуваше пред купиштата докази за криминалот на балканските политичари доколку тие политичари беа подготвени без приговор да ги исполнуваат наредбите од Брисел. Македонија тука е класичен пример, имајќи предвид како Хан минатата недела го игнорираше криминалниот скандал со Катица Јанева за кој се очекува да имплицира луѓе од врвот на владејачката партија СДСМ.

При нивната средба во Будимпешта, Мицкоски и Орбан разговарале токму за експлозијата на криминални афери поврзани со Владата на Заев, каде само во случајот Рекет секој ден носи по неколку нови моменти кои имплицираат се повеќе и повеќе функционери на СДСМ. Имајќи ја предвид новостекнатата улога на Орбан и на десничарските партии воопшто во европската политика, прашање е дали новата Европска Комисија ќе може да го игнорира криминалот на владејачката врхушка.

Средбата на Мицкоски и Орбан се совпадна и со се поизвесните предвремени избори во Македонија, за кои прашањето веќе не е дали туку кога. Оттаму, не случајно водечки теми на средбата во Будимпешта беа криминалот на режимот на Заев и заедничкиот настап на ВМРО-ДПМНЕ и Фидеш во Европската Народна Партија. Исто така, не случајно Мицкоски беше пречекан со почести кои се достојни за иден премиер на Македонија. Со промените во Европската Комисија за кои Орбан е еден од најзаслужните политичари, и по се посериозните корупциски скандали кои ја откриваат вистината за Владата на СДСМ (за кои се огласуваат и други членки на Европската Унија како Франција) само прашање на време е кога ќе заврши медениот месец меѓу Заев и Брисел.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.