На одржаниот Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Христијан Мицкоски пред членовите на ЦК се осврнал на целокупното раководење со партијата од сите аспекти и била отворена дискусија. Притоа, тој предложил вонреден конгрес поради барањата на поранешни членови и функционери за промена на раководството поради лошите изборни резултати, но тоа барање било одбиено од највисокото тело меѓу два конгреси – ЦК.
На седницата на ЦК се дискутирало и за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за значајни внатрепартиски случувања. Меѓу другото, избрани се нови членови на Извршниот Комитет на партијата.
Во продолжение интегрлано ви го пренесуваме обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршувањето на седницата на Централниот Комитет.
„Реалноста говори дека имаме власт која е мафија чиј што главен интерес е заштита на криминалот и нерешавањето на проблемите. Реалноста говори дека денес Зоран Заев не може да реши ниту еден крупен проблем, затоа што тој е изворот на сите проблеми и непобитно се докажува дека секој ден поминат со оваа Влада ќе биде се полошо за народот и за државата.
Четири години се на придавката „ќе“, но тоа не може да биде изговор за тоа што тие не работат.
Реалноста покажува и дека самата Влада е на стаклени нозе. Впрочем за тоа говори и фактот што парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ е најбројната во македонското собрание.
Владата на Заев не може да ги реши проблемите ниту во здравството, ниту во судството, ниту во образованието, ниту во земјоделието, а најмалку во економијата, затоа што Владата на Заев е проблемот во Македонија денес.
Што се однесува до самите внатрепартиски состојби, отворено дискутирав за моето речиси три годишно управување со партијата, за тоа како ја затекнав, во каква состојба и низ какви се премрежја поминавме и удари поднесовме.
Јас не бегам од моите принципи и затоа иако до денешен ден не беше поднесена никаква иницијатива за вонреден конгрес од страна на оние кои водат хајка врз мене, а целта е ВМРО-ДПМНЕ, само така служејќи му на Заев, Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што јас нема се кандидирал. Централниот комитет надвор од моето присуство откако ја напуштив салата на која се оддржуваше седницата на самиот Централен комитет го одби практично едногласно ова мое барање и не се согласи со ваквиот предлог, а со тоа ми даде полн легимитет да продолжам со раководењето со ВМРО-ДПМНЕ и јас во име на тоа им се заблагодарувам на укажаната доверба, што за мене е обврска, да со уште посилно темпо продолжиме со рушењето на мафијата.
Во продолжение предложив нов Извршен комитет, а составот на новиот Извршен комитет го соочинуваат следните: потпретседателите Александар Николоски и Владимир Мисајловски, членот Иван Иванов поранешен пратеник од последниот би рекол пратенички состав пред да биде формиран новиот, како и членовите кои по функција се дел од ИК согласно Статутот, Претседателот на УМС младиот Сергеј Попов и координаторот на Пратеничката група Никола Мицевски.
Останатите членови на Извршниот комитет се:
М-р Гордана Димитриеска – Кочоска, којашто беше заменик технички министер во Министерството за финансии;
Д-р Рашела Мизрахи, којашто едно време беше технички министер за труд и социјала во владата;
М-р Стефан Андоновски, којшто досега беше советник во мојот кабинет во партијата;
М-р Марија Андоновска, којашто е докторант на Стоматолошкиот факултет, наскоро доктор по науки;
Д-р и пратеник во Собранието Олга Лозаноска, која доаѓа од Битола;
Д-р Дафина Стојановска, којашто и досега беше член на ИК во партијата, инаку пратеник во собранието;
Проф. Д-р Вело Марковски;
Проф. Д-р Трајко Славески;
Владимир Ѓорчев;
Полковник Драган Ковачки;
Коце Трајановски;
Д-р Кирил Пецаков и
Антонијо Милошоски.
Поради лични причини се повлече досегашниот Генерален секретар, Игор Јанушев. Ја користам оваа прилика да му заблагодарам за неговата работа, срдечно залагање и беспоштедна битка. Тој продолжува да придонесува и помага во ВМРО-ДПМНЕ. Во наредниот период Извршниот Комитет ќе биде проширен и со нови членови, нов Генерален секретар, нов Претседател на Унијата на Жени и нов Претседавач на Унијата на ветерани.
ВМРО-ДПМНЕ е столбот на државноста на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е кичмата на македонизмот и оттука ВМРО-ДПМНЕ има една единствена цел, а тоа е победа над мафијата, неправдите и злото наречено власт на Зоран Заев.
Јас сум сигурен дека тоа нема да биде едноставно. Ние немаме работа со политичка длабочна, политичка мудрост ниту политичка ширина, туку со мафија. Мафија која уценува, мафија која што притиска, мафија којашто тепа неистомисленици, мафија којашто поткупува и мафија којашто е се, само не политичари.
Затоа, ова нема да биде лесна задача, но сите оние кои што се сега дел од структурите на партијата се апсолутно свесни за овој предизвик, и затоа граѓаните во Македонија секогаш имаат очекувања само од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ во минатото ВМРО, се дел од македонскиот идентитет, тие се дел од ДНК на Македонецот и затоа без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ е опозиција или ВМРО-ДПМНЕ е власт, македонските граѓани имаат очекувања само од ВМРО-ДПМЕ.
И затоа ВМРО-ДПМНЕ секогаш од политичките, но и од другите хиени била, е и ќе биде предмет на напад, секој сака да го разниша главниот и носечки столб на македонската нација и македонската држава.
Задача на оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ е да ја задржат оваа структура чиста и да се одбранат од политичките хиени, без разлика дали се тие од нашиот политички противник, одвнатре или од некои друг места.
Опозицијата во оваа држава е посилна од власта и власта не треба да се плаши од одмазда, туку таа треба да се плаши од правда која порано или подоцна ќе дојде“. .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.