Продолжува заевизмот и домат дипломатијата со давање на отстапки без да се добие ништо за возврат, која ја гледавме изминативе години од Зоран Заев, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Битола, одговарајќи на прашање во врска со изјавата на новиот член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров дека за нив не е спорно Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав.

Мицкоски истакна дека Петров со оваа изјава штотуку ги почести нашите источни соседи со отстапка без да имаме гаранција дека нешто ќе добиеме за возврат.

Кога ќе седнеме на преговарачка маса, дали имаме загарантиран влез во ЕУ, дали имаме загарантиран почеток на преговори со ЕУ и со што Бугарите заслужија да дадеме уште една отстапка? Ова е продолжување на домат дипломатијата која што четири години ја гледавме од страна на Зоран Заев, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека исто така ова е нечесна политика затоа што за промена на Уставот треба две третини, а ова владејачко мнозинство нема две третини за да го промени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.