Во вечерашното издание на дебатната емисија “Заспиј ако можеш” на ТВ Алфа гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој се осврна на моменталната политичка ситуација, лошите владини мерки, како и на актуелниот случај со издадените пасоши на мафијаши и наркобосови во Република Македонија.

Мицкоски вели дека изминатите неколку денови од непознати броеви добивал безброј закани по неговиот живот и по животот на неговите најблиски, но дека тоа нема да го поколеба во борбата против оваа криминална и расипничка власт. Тој додаде дека овие притисоци датираат од многу порано, односно секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе тргне да објавува криминални афери на власта, тогаш се активираат насилниците кои најверојатно работат по нечија директива.

“Јас сум се нафатил на оваа работа и стојам на чело на ВМРО-ДПМНЕ затоа што мојата намера е да расчистиме еднаш засекогаш со овие криминални политички гарнитури. Македонија не може да застане на нозе, ако вакви луѓе продолжат да ја водат државата. Покрај сите закани и уцени кои ги примам секојдневно, можам да порачам само дека нема никогаш да престанам и дека оваа борба ќе ја водам се додека оваа власт не падне, а потоа сите до еден да одговараат пред лицето на правдата. Македонија не смее да остане земја на криминал”, истакна Мицкоски.

Тој додава:

Власта неколку години по ред се крие и ги штити своите соработници преку закани, уцени и притисоци. Неколку пати тие тргнаа тоа да го прават лично кон мене, некогаш кон ВМРО-ДПМНЕ, некогаш дури и кон членови на ВМРО-ДПМНЕ. Залудни се нивните обиди да ја замолчат опозицијата и да го замолчат ВМРО-ДПМНЕ. Допрва доаѓаат деновите кога ќе бидат расветлени сите случаи кои јавноста не ги знае, а заслужува да биде запознаена како за овој случај поврзан со пасошите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.