При посета на основното училиште „Александар Македонски“ во општина Аеродром заедно со градоначалникот Тимчо Муцунски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во врска со трагичната несреќа во Бугарија истакна дека овој немил настан е продолжување и одраз на корупцијата, криминалот и нефункционирањето на институциите на оваа власт.
Ние свесно три дена не се појавуваме во јавноста, не ги коментиравме овие немили настани, а би сакал уште еднаш да изразам сочувство до семејствата на починатите во оваа трагична несреќа. Овој немил настан е само продолжување на корупцијата и криминалот и нефукционирањето на државните институции којшто започна со несреќата во Ласкарци и онаа нецелосната истрага во „Дурмо турс“, продолжи со кабелот во модуларната болница во Тетово, и сега пред некој ден се случи трагичната несреќа во Бугарија – истакна Мицкоски.
Тој вели дека нема покажување никаква одговорност од одговорните лица и од институциите, а нема ни морална одговорност, што претставува срам за тие политичари. Тој вели дека и покрај тоа што претставниците на власта на локалните избори велеа дека ја научиле лекцијата, покажуваат дека не само што не ја научиле лекцијата туку се однесуваат и полошо од претходно.
Ние предложивме вонреден технички преглед на сите превозни средства кои се користат за јавен превоз на патници, вонреден преглед на техничките станици каде се врши техничкиот на овие автобуси, предложивме најмалку три пати годишно да одат автобусите постари од осум години, четири пати автобусите постари од 12 години, се на товар на државата и да биде јавно достапен списокот на автобуси кои имаат лиценци за превоз, не тоа да биде некоја тајна која ја крие надлежното министерство – вели Мицкоски.
Тој посочи дека сето ова треба веднаш да се направи, а истовремено побара и одговорност и оставки од надлежните министри. Тој порача дека доколку такво нешто не се случи, доколку нема барање одговорност кај никого и не се променат некои работи во однос на корупцијата и криминалот, ќе продолжат да се случуваат вакви несреќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.