Во рамките на средбите со граѓаните за обнова на Македонија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска го посети Куманово. Пред жителите од градот во кој владее апатија, соочен со премногу проблеми и со многу нерешени прашања Мицкоски порача дека власта што ќе дојде по победата на ВМРО-ДПМНЕ не треба да е подобра од нив, не треба да е просечна, туку најдобра и историски најдобра од осамостојувањето, затоа што повеќе ќе немаме можности за грешките да ги корегираме во иднина.

Мораме да се обврземе пред нашите сограѓани дека целата оваа емпатија, разочараност, демотивираност ќе исчезне. Ќе понудиме решенија кои не ветувам дека ќе ги решат сите проблеми, тоа е невозможно бидејќи никој не може да ги реши сите проблеми, но можам да ветам многу работа, работа и само работа и онаа Черчиловата максима дека потребни ни се крв, пот и солзи за да успееме. А јас ви ветувам дека заедно ние ќе успееме.

Мицкоски пред кумановци порача дека завршува времето кога им слугувале на Максо, Заев и Спасовски. Со обновата на Македонија, рече тој, власта ќе учи од граѓаните за грешките од минатото и за потребите за подобра иднина.

Потребна ни е оваа навигација, потребно ни е да учиме од нашите сограѓани, потребно ни е да слушнеме и тоа што можеби  сме го правеле и ние во минатото, а што било погрешно да го исправиме, тоа е вистински предизвик кога самокритиката вас ќе ве наведе на вистинскиот пат, да учиме од нашите грешки, но истовремено да се обидеме да дадеме се од себе. Мораме да дадеме се од себе грешките на СДСМ, грешките на  Зоран Заев да ги коригираме, затоа што има грешки кои лесно се коригираат, но има грешки кои што многу потешко ќе ги корегираме од тоа што и тие самите мислат. Ние не можеме да си играме со грешките, а потоа да излеземе на прес конференција и да кажеме се извинуваме погрешивме. Ова не е детска игра, порача Мицкоски.

Мицкоски го повика премиерот Зоран Заев од Куманово Владата да им ги врати парите на граѓаните кои им биле напралетени со прогресивниот данок во изминатите 10 месеци.

Тоа е доблесно. Тоа е најмалку што можете да направите. Арачот кој што го земавте од народот, од стопанството, бидејќи самите рековте дека не го постигнал ефектот, вратете го назад веднаш, па можеби тие  ќе имаат малку милост кон вас кога ќе ве следат на митинзите и на телевизија. Но, има политики кои што за жал со извинување не се решаваат. Политиката на слугување, политиката на свиткана кичма, со извини не се решава. Таму последиците се трајни, таму пече и боли во душата. И тоа го пече и го боли секој еден Македонец, секој еден граѓанин во оваа држава. Секое едно понижување, омаловажување, национално уништување кое што веќе трета година ни се случува ги пече и ги боли луѓето.

Мицкоски ја потсети власта дека по изборите на 12 април нема бегање од одговорност.

Ќе одговарате и за арамилукот, ќе одговарате и за криминалот, ќе одговарате и за корупцијата. А најмногу ќе одговарате затоа што национално го подведовте народот. Затоа што подвиткавте кичма, затоа што одлучивте да слугувате на туѓи интереси. Е за тоа јас ви ветувам дека ќе следува одговорност. Вистината ќе дојде после 12 април, па колку и да сте конфузни во вашите изјави, те ќе имало избори те ќе немало избори. Избори ќе има. На трети јануари имаме техничка влада, а на 12 април 2020 година победува обновата за Македонија.

Тој се осврна и на неисполнетите ветувања на премиерот.

Јас не го терав со сила Зоран Заев, да оди во Ресен и да ветува загарантиран откуп за земјоделците, повисоки субвенции. Самиот одеше и лажеше. Јас не го терав Зоран Заев и Љупчо Николовски, 2016-тата да појдат во Кочани, во Оризари, во Зрновци и во Чешоново-Облешево и да ветуваат загарантирани цени за оризовата арпа и за оризот 25 со 50 денари. Тој тоа го правеше, коленичеше за гласови, ги гледаше луѓето во очи исто како што сега повторно ќе отиде и ќе ги гледа во очи, и ќе ветува се и сешто. Уште бесмртност не ветил, друго се ветил. Јас не го терав Зоран Заев да оди по Тиквешијата, да им ветува на кавадарчани и на неготинчани, на луѓето од Демир Капија, од Росоман дека ќе имаат повисоки откупни цени за грозјето, за праските, за кајсиите, загарантиран откуп, повисоки субвенции. Јас не го терав, тоа тој го правеше. Пред избори ги лажеше луѓето. Ги гледаше во очи и ги лажеше, исто како што сега повторно ќе прави. Ќе оди, ќе ветува се и сешто, и ќе лаже за да ги сочува привилегиите. Никој од нас не го тераше Зоран Заев да ветува студентски градови, гаранција младинска, загарантирана иднина. Никој не го тераше да ги реди оние чевли пред Влада во таа 2015-2016, да ветува дека не само живот, туку и дека ќе ги враќа луѓето назад во Македонија. Самиот тој тоа го ветуваше. Гигледаше луѓето во очи, си подигруваше со човечката судбина, со неправдите за Смилковско. Си подигруваше  со неправдите за Мартин Јанушев, за Мартин Нешковски. Ги лажеше луѓето. Ги гледаше во очи и ги лажеше. Им викаше дека он ја знаел вистината. Не. Он е само принцот на лагата и манипулацијата, за тие пусти фотелји и за тие пусти привилегии. Ништо друго не го интересира. Важно му е да раѓаат плантажите со марихуана. Ако е можно што побрзо таа марихуана да ја извезе од Македонија, да заработи некој милион на грбот на граѓаните. Важно му е како некој тендер плус да добијат луѓе блиски и дел од неговото семејство. Важно е камионите во РЕК Битола да копаат, важно е багерите на патот Радовиш-Струмица да врват. А што се однесува до другите патишта и авто патишта, нема ништо. Нему му е важно провизиите да летаат. Тоа е основната цел денеска на раководството на СДСМ предводено од Зоран Заев. Колку повеќе арамилук, колку повеќе грабај за да после 12 април има бегај. Никој од нас не го тераше Зоран Заев 2016-тата да шета по бизнисмените и да им ветува подобра бизнис клима, поддршка. А денеска го гледаме како тргни застани, те ќе ги зголеми те ќе ги намали даноците. Ние не го теравме на докторите да им ветува сто илјади денари просек плата, да ветува реновирани клинички центри, да ветува реформи во здравството, а да донесе помор. Денеска редици се чекаат пред амбасадите, а луѓето кои што тамо чекаат се медицински лица, доктори, медицински персонал. Во градовите нема специјалисти, пола Македонија нема гинеколози, нема специјалисти, затоа што луѓето си отидоа, за елементарна здравствена услуга се патува по сто и повеќе километри, ете таа реформа ја донесе Зоран Заев. Кажете ми една болница која што ја реновираше, кажете ми еден кревет којшто го направи, но затоа пак не заборави да не убедува и да нуди бизниси по Европа за новиот Клинички центар од петстотини милиони евра кредит којшто вие ќе треба да го плаќате, а провизиите тие ќе ги делат меѓу себе.

Тоа не заборави да го направи, ветуваше реформи во образованието, ги гледаше луѓето и ги лажеше, велеше дека ќе сме имале европско реформирано образование, ветуваше дека професорите ќе давале квалитетна наука, дека високото образование ќе имало еден универзитет во првите петстотини на Шангајската листа, видете денеска што се случува, ни во првите три илјади немаме. Училишта ни се затвараат затоа што нема ученици, затоа што си отидоа со нивните родители во туѓина.  Помалку имаме ученици и во средното образование, паралелките ни се затвараат, шајка немаат заденато, а камо ли пак да зборуваме за нешто повеќе. Но, затоа пак ќе слушнете како  ќе се градел трамвај во Скопје од сто милиони евра кредит, ама не бил трамвај, туку бил трамвај на гуми, на тркала.

Мицкоски потсети и на ветувањата на ВМТО-ДПМНЕ за кои вели дека се остварливи во првите 100 дена влада.

Ние ветуваме дека во првите 100 дена нема да го одложиме, туку ќе го вратиме рамниот данок и истиот ќе го намалиме за да може стопанството да дише, да вработува луѓе и да нуди перспектива за младите и на оние на кои што таа перспектива им е потребна. Не ни треба ниту антиквизација, уште помалку ни треба севернизација на нашата држава. Нас ни треба враќање на македонизмот, враќање на Македонија во македонците, тоа е она што нам ни треба и за тоа ќе се бориме, македонизација во Македонија, кај македонскиот народ и кај сите граѓани на Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.