Благодарам на сите што ми дадоа поддршка на овој конгрес, благодарам за секоја една дланка која ја стегнав во текот на денешниот ден и за секоја порака на поддршка која ми ја пренесовте. По денешниот ден испраќаме порака на обединување и заедништво и ова е Конгрес по кој ВМРО-ДПМНЕ излегува посилно, со уште поголем елан и енергија за времињата што следат – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако на денешниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата за уште еден мандат за лидер на партијата.
Тој посочи дека Македонија може, дека Македонија знае како.
Ако има некој кој сè уште се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ може да успее и сè уште е несигурен дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе сигурност во ова општество, кој сè уште се прашува дали сонот на нашите основачи е жив во нашето време, кој сè уште ја преиспитува моќта на нашата демократија и нашите верувања, денешниов ден е одговор на тие сомнежи и на тие прашања.
Но и тоа е одговорот кој се гледаше во редиците на последните избори, по училиштата и јавните објекти на гласање, тоа е одговорот во енергијата која е разбудена и покажува дека можеме, тоа е вербата која тлее во секој од нас, дека Македонија може, дека Македонија знае како… чистината на душите на нашите идни генерации и јасноста во очите на нашата и постарите генерации, се доказ дека Македонија ќе се избори и дека надежта постои – рече Мицкоски.
Понатаму додаде:
Се гледаше тој одговор во луѓето кои чекаа со саати за да гласаат, некои за првпат во своите животи, затоа што тие веруваа дека овојпат мора да биде поинаку и поразлично, дека нивниот глас може да биде таа разлика која ѝ треба на Македонија, тој глас на средната класа, богатите и сиромашните, партиски определените и неопределените, наши луѓе од различна верска или национална определба, тие пратија порака до сите дека не сме само обична партија, дека не гледаат на политиката како на поделба на сини и црвени општини, на сина и црвена Македонија, туку дека постои една, заедничка, наша Македонија.
Тоа е одговорот до сите оние што беа цинични и полни со сомнежи дека можеме сите заедно да направиме силен скок, заедно кон надежта за подобар ден. Затоа што нашиот успех значи дека промените доаѓаат во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.