Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски, денеска во тек на работната посета на Брисел остварија средба со Марко Кампоменоси, пратеник во Европскиот парламент и шеф на делегацијата на партијата Лега на Матео Салвини во Европскиот парламент.

Разговаравме за продлабочување на односите помеѓу двете партии и држави. Истакнав дека критериумите за отпочнување на преговорите со ЕУ се исполнети уште во 2009 година, а она што е ново за жал е спорот со Бугарија, кој се појави во време кога Зоран Заев е премиер, кој пак тврдеше дека ги затворил сите отворени прашања, а еве гледаме денес за жал токму тој спор претставува непреминлива пречка.
И покрај тоа што Македонија има сериозни проблеми со растечкото ниво на корупција, сиромаштијата и недостатокот на реформи во образованието и здравството, коишто беа главни ветувања на Заев и не ги оствари, сепак сме во Брисел за да побараме одблокирање на Македонија.
Владата наместо да троши време на самосожалување и политика на неоправдано умилкување кон источниот сосед потребно е да се искористат сите конекции и сериозни познанства со Брисел за одлобкирање на европскиот пат на Македонија, соопшти Мицкоски по средбата.

Мицкоски додаде дека на планот на продлабочување на односите помеѓу двете партии го поканил претседателот на Лега, Матео Салвини, да ја посети Македонија и со чест и задоволство би биле домаќини на истиот.

Престојот продолжува со присуство на парламентарното собрание на Европската народна партија, од кое дел се сите центар десни партии во Европа, како ЦДУ на Ангела Меркел, ХДЗ од Хрватска, Народната партија од Шпанија, Модерати од Шведска и многу други партии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.