Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со секретарот за меѓународна соработка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев, секретарот за меѓународна соработка и пратеник Тимчо Муцунски остварија средба со директорот на Фондацијата Конрад Аденауер за Македонија Даниел Браун.
На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, каде што од страна на претседателот Мицкоски беше посочено дека секојдневните скандали и афери од власта негативно влијаат на имиџот на државата, како и дека поради лошото менаџирање со економската и здравствена криза, се поголем број на граѓани ги губат своите работни места, а власта во недостиг на проекти и идеи ја носи државата кон економска пропаст.
Немањето капацитет на власта да се справи со економската и здравствена криза, да набави вакцини за имунизација на населението ја носат земјата во економски пропаст, а граѓаните живеат се посиромашно. Од друга страна пак имаме секојдневни скандали и афери поврзани со актуелни функционери од власта кои негативно влијаат на меѓународниот имиџ на Република Македонија, рече претседателот Мицкоски.
Ме загрижуваат информациите дека земјата може да го загуби безвизниот режим поради аферата Мафија, ова практично ќе значи само уназадување на државата, а граѓаните нема да можат слободно да патуваат во земјите од ЕУ, со што наместо да се стремиме кон ЕУ, владата на СДСМ и Зоран Заев не враќа десетина чекори наназад. Дополнително немањето одговорност од страна на владините функционери само потврдува дека власта е во спрега со криминалот, нагласи Мицкоски.
Соговорниците ја потврдија соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Конрад Аденауер и се согласија дека истата ќе продолжи со засилен интензитет во насока на понатамошно јакнење на капацитетите на партијата.
Мицкоски го информираше директорот Браун дека полноправното членство на земјата во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека од големо значење е силната поддршка од КАС и ЦДУ за Македонија за процесот на приближување кон полноправно членство во Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.