Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва гостуваше во емисијата ,,Клик плус”која се емитува на ТВ21. Тој рече дека работите во Македонија не одат во добра и посакувана насока и затоа потребно е да има предвремени избори и дека тоа го кажуваат граѓаните на сите јавни мерења.

– Ако вие ги прашате граѓаните дали Македонија се движи во правилна насока, би рекол дека повеќе од две третини би кажале дека се движи во погрешна насока. Ако ги прашате дали оваа влада треба да замине, исто така две третини велат дека треба да замине. Ако направиме една анализа на постигнатото на оваа влада во една година, ќе видите дека буквално ништо не е исполнето туку напротив, сѐ што е направено е направено спротивно од тоа што е ветувано. Во услови на ковид-пандемија, за која не велам дека тоа е феномен само во Македонија, да, тоа е светски предизвик, но ние бевме најлоши и сѐ уште сме меѓу најлошите. Во образованието имате пиши-бриши закони, пиши-бриши реформи, буквално децата денеска не знаат што и од каде да учат. А во економијата, се сеќавате на оние фамозни инвестиции и најави дека ќе се случувало не знам што, најлоши сме во регионот. Косово и Албанија нѐ претркаа, едно време бевме најдобри, за Србија и Бугарија веќе не треба да станува збор. Ако зборуваме за борбата против корупцијата и криминалот најлоши сме во Европа, на сите релевантни рангирања. Ако зборуваме во дисциплината и мотивот на администрацијата ќе видите тој отсуствува, ќе видите еден руиниран систем од страна на надлежните без разлика дали тоа се министри или директори на тие институции – рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека кога сето ова ќе се анализира, а од друга страна има фрустрирана опозиција и граѓани кои ја поддржуваат таа опозиција и се мнозинство бидејќи добила огромна поддршка на локалните избори – има најголем број пратеници во парламентот, има најголем број градоначалници и советници, кога сето ова ќе се анализира, тогаш единствен начин за да сето ова се извентилира е ресет, а тоа се прави само со предвремени избори.

Тој рече дека само на тој начин може да дојде до свежина, реформи, нов капацитет и до нови луѓе, бидејќи од оваа власт се видело дека е толку, имале шанса и не ја искористиле и затоа не може да се очекува ништо подобро од ова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.