Со „Оставка на Заев, слобода на народот!“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва им посака добредојде на илјадниците граѓани кои се одзваа на повикот на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ испратат силна порака на власта дека Македонија се уште има црвени линии.

Има работи коишто се свети, има работи коишто не се предмет на пазарење за секој со нормален ум и разум. Затоа постојат државите, тоа не прави посебни и тоа е дел од нашиот идентитет. Премногу молчевме! Премногу бевме со наведната глава, но сега е времето кога треба да ја кренеме главата и да кажеме  ДОСТА Е! Време е Македонците повторно да се борат и да се изборат за својте правдини, рече Мицкоски.

Ова што ѝ го прави Зоран Заев на Македонија е срамно, рече Мицкоски. Македонците се срамат од неговото понизно додворување на бугарската политичка елита.

И додека тоа го правеше, се откажуваше од жртвата на Илинденците, од жртвата на партизаните кои биле наследници на Илинденците. Газеше по коските на Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски Питу, Христијан Тодоровски Карпош, Орце Николов, Борка Талески, Раде Јовчевски Корчагин, Вера Јоциќ… а со тоа и на саможртвата на Гоце, на Даме, Питу и сите други илинденски првенци, луѓето кои ја започнаа својата борба која што ние природно денеска ја водиме и ден денес се бориме за нашата Македонија, рече лидерот на опозицијата.

Овој протест е на народот. Ова е протест на сите против лудоста на еден човек.

Ве молам сите да го гледате како протест кој е надпартиски во кој мора сите да се обединиме. Ќе победиме ако сме обединети. Секогаш сме биле обединети и тогаш сме победувале, затоа ни е потребно обединување рамо до рамо еден до друг. Така и никако поинаку мора да биде и овој пат. Во овие тешки услови на криза обврзани сме да реагираме и да оставиме трага. Ќе победиме ако народ излезе и каже НЕ ПОВЕЌЕ. Ќе победиме ако сите кажеме премногу е. Како поединци не можеме ништо, но сите заедно обединети и сплотени можеме СЕ.

Мицкоски им се пбрати на членовите на СДСМ и симпатизерите на партијата.

Се повикувате на антифашистичката борба, и како сите во оваа земја го имате полното право на тоа. Но мора сега да бидете погласни и да се спротивставите зошто Зоран Заев не е Македонија. Бранејќи ја вашата партија од Заев, секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики, но имаме поголема заедничка цел, да го сочуваме нашиот образ и нашиот идентитет. 

Тој ги повика и десничарите да се обединат против лудоста на еден човек.

Ќе се обратам и до десничарите, оние кои поради различни причини имаат забелешки кон ВМРО-ДПМНЕ. Имаме опција сега да ни се придружите и да бидеме заедно и заеднички да победиме или да молчите вечно. Зошто нема оправдувања сега кога станува збор за Македонија.

На крајот, тој му се обрати на чесниот и неопределен македонски народ, на Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и ги повика да се разбудат зашто сега е моментот да се промени нешто.

Нема да можеме да градиме држава, ако ја загубиме. Нема да можеме да создаваме иднина ако не се спротивставиме на сегашноста. Но, можеме да постигнеме се само ако бидеме заедно. Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка. Но, не пријателство на свиткана кичма. Пријателството подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебе и  да си помагаме. Ниту бугарите немаат фајде од тоа ако не понижат. А особено боли кога, како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија, кога понижувањето доаѓа од својот род.

Мицкоски побара Заев под итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарскиот медиум, за навредите врз македонските граѓани и предците и хероите.

Тоа не е став на Македонија. Нема право да го урива наследството и придобивките оставени и наследени од нашите претходници и предци. Совршено е јасно дека Заев не може да испорача ништо добро за својата држава и мора да си оди. Затоа, бараме итна и неотповиклива-оставка од Заев!  Оставка веднаш!

Мицкоски повика на протести и блокади од утре во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.

И нема назад. Заедно до крај. Македонија е жива. Ги издржала фашистите. Ќе го победиме и ова зло кое не снајде, сите заедно и старо и младо, браќа и сестри. Сите ние сме Македонија, и сите заедно ќе победиме!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.