Без разлика на противењето на официјална Софија, ја повикувам Европската Унија на самитот на 21 јуни да одобри прва меѓувладина конференција, бидејќи македонската нација и држава изминатиот период покажаа карактер и европски вредности и тоа го заслужуваат – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за телевизија Сител.

Мицкоски посочи дека тоа нема да биде ниту датум за Зоран Заев, ниту за СДСМ, туку дека граѓаните и државата тоа го заслужуваат.

Зборувајќи за евроинтеграциите, Мицкоски изјави дека Бугарија не е единствената причина за блокадата на евроинтеграциите и дека не станува збор само за 26 заложници, минус официјална Софија, како што се обидува Владата тоа да го претстави.

Доколку ние бевме лидери по реформи во регионот и не бевме на 111 место на скалата за корупција и криминал на Транспаренси интернешенел, доколку навистина покажевме дека сме лидери во регионот, мислам дека аргументите на Софија ќе беа толку мали, што немаше ниту да бидат земени во предвид и денес ќе водевме преговори со ЕУ – изјави Мицкоски.

Мицкоски порача дека без разлика на политичките последици, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифти никаков договор или патоказ што би опафтил и една запирка што би го начнала идентитетот на македонскиот народ.

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту да разговара, ниту преговара, поврзано со тоа начнување на македонскиот идентитет – изјави Мицкоски.

Во однос на објавените информации за РЕК „Битола“, Мицкоски изјави дека Обвинителството и МВР не ги ги гонат тие што вршеле изнуда, туку ги бара „свиркачите“ односно тие, за коишто се сомневаат дека ги доставиле овие информации до опозицијата.

Не треба да се грижат и бараат таму каде што не постојат. Нека се заврти Зоран Заев и Оливер Спасовски околу своето најтесно раководство, свиркачите се од таму – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека треба да им се даде шанса на институциите и затоа ги доставиле податоците до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но посочи дека во спротивно, по неколку дена ќе почнат сите информации со кои располага ВМРО-ДПМНЕ да ги споделуваат со јавноста.

Зборувајќи за Клиничиот центар, кој треба да се гради, Мицкоски, посочи дека Србија гради ист Клинички центар, кој чини 125 милиони евра, а не пола милијарда евра, како што е планот на СДСМ.

Овој документ што го држам во рака е за новиот Клинички центар кои што практично во септември треба да се изгради во Србија, а веќе се гради, и овој Клинички центар кој што е идентичен на нашиот со 1.000 болнички кревети и други работи чини верувале или не 125 милиони евра. Или четири пати помалку од оној клинички центар што планираат да го изградат СДСМ и Зоран Заев – изјави Мицкоски.

Во однос на најавените инвестиции од осум милијарди евра, Мицкоски изјави дека прв ќе му честита на Заев доколку успее само десет проценти од тие средства да ги реализира и го оцени само како обид за дефокусирање на јавноста, наместо да се зборува за криминал и корупција, да се зборува за инвестиции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.