Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето гостување во емисијата „Клик Плус“ на Телевизија 21 посочи на големата бројка на новозаразени од коронавирусот како клучна пречка за одржување на избори. Тој истакна дека според Зоран Заев кога имаме троцифрена бројка заболени од корона треба да започне кампања за избори. Мицкоски пак смета дека е лудило бидејќи на тој начин би си поигрувале со човечки животи.

Она кое што го слушаме е само повторување како една грамофонска плоча, расипана. 5 јули и точка. Тоа значи дека за 10 дена од денеска вие треба да почнете кампања, од една страна имате троцифрена бројка на заболени, имате вонредна состојба во државата. Се подготвувате за кампања. Ви го нема шефот на мисијата на набљудувачи на ОБСЕ и ОДХР, ги нема оние набљудувачи долгорочни кои први доаѓаат не знаеме дали оние краткорочните ќе бидат во полна мисија и вие велите ќе имаме ние избори. Малку делува несериозно. Вака како што се движиме не се движиме во добра насока. Еве ви кажав, кој е тој што вас ќе ви ги признае тие избори на 5 јули, сите да учествуваме на избори, а притоа нема полн легитимитет набљудувачката мисија и комплетно се промашени сите рокови за набљудувачката мисија. Од друга страна ние немаме протоколи од ресорното министерство за однесување. Кој ќе биде одговорен за прекршувањето на тие протоколи? Повторно ќе праќаме цели ескадрони припадници на МВР да не апсат? Кој ќе биде одговорен за спроведување на кампањските активности што ако некој од учесниците во кампањата заболи од коронавирусот, прашува тој.

Според Мицкоски човечкиот живот нема цена и разговорите за датум за избори во ваква една катастрофална ситуација се несериозни.

-Што ќе се случи ако утре некој недај боже го загуби животот? Ќе ја прекинеме кампањата? Има ли цена човечкиот живот? Нема цена, за мене нема цена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.