Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали може да се очекува предвремени парламентарни избори изјави дека дека предвремените парламентарни избори и се потребни на земјава, а единствен логичен термин би бил заедно со локалните избори.
Прашан, пак, за тоа дали има преговори со други партии, Мицкоски истакна дека во тек се разговори и со опозициони и со партии од власта кои треба да размислат дали сакаат да бидат дел од најкорумпираната и најкриминална власт.
Јас тоа го зборувам цело време и стојам на тој став дека предвремени парламентарни избори и се потребни на Македонија и единствен логичен термин да не правиме дополнителни трошоци се и локалните избори. Мислам дека тоа треба да се случи и работиме на тоа да се случи, а претходно треба да дојде една влада којашто ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни, локални избори, а не ваква корумпирана криминална и неспособна влада бидејќи морам да кажам дека не ги бива за работа не ги бива за проекти, но затоа, пак, се светски шампиони според криминалот, корупцијата и би рекол матните идеи како да лажираат и поткупуваат за време на избори.
Затоа е многу важно да дојдат луѓе коишто тој процес ќе го одработат така како што е потребно, односно како што велат законите и процедурата. Така што да, ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициони партии, но и со парламентарни партии коишто се дел од власта, така што кога ќе имаме мнозинство во рамките на парламентот тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме.
Но, повторно ќе кажам секој оној кој што му мисли добро на македонскиот народ на граѓаните на Македонија на Македонија, под итно треба да си го стави прстот на глава и да размисли дали неговата иднина е заедно со овие најкорумпирани и најкриминални политичари во историјата на Македонија или пак, да биде заедно на страната на народот, на чесната страна за да си ја спасиме државата. Тоа е она што јас можам да го кажам по тоа прашање – изјави Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.