Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес (07.05.2021) заедно со претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска и претседателката на Унијата на жени на Европската народна партија Дорис Пак учествуваа на онлајн-работилница на тема „Жените во локалната политика – кон повеќе родово-сензитивни политики на агендата на локалната самоуправа” организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Настанот го отвори Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер кој ја истакна соработката со ВМРО-ДПМНЕ и подготвеноста за идна поддршка и соработка од фондацијата како и тоа дека политичката клима во државата е таква што ВМРО-ДПМНЕ мора да продолжи да се бори со сите предизвици во општеството.

Воведни излагања имаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ја потенцираше својата сериозна загриженост за актуелните случувања во Република Македонија, секојдневните скандали и корупцијата кои на дневна основа се случуваат, но ја потенцираше и подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ како најодговорна партија да се справи со предизвиците и да понуди решение на проблемите во општеството. Воедно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја потенцираше и маркантната улога која Унијата на Жени ја има во пресрет на локалните избори.

Се обрати и претседателката на Унијата на жени на Европската народна партија Дорис Пак, која посочи дека навистина загрижува што Македонија нема напредок кон патот на ЕУ и дека ќе продолжи активно да ја истакнува својата поддршка со цел сите неправди кои се нанесени да се корегираат. Потенцираше дека жените од ЕПП даваат целосна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.

Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска го истакна мотото под кое Унијата на Жени ќе се претстави на локалните избори: „Силни жени, силна држава”! Пешевска во своето обраќање потенцираше дека УЖ на ВМРО-ДПМНЕ продолжува активно да креира широко поле за вклучување на жените во политиката и воспоставување на родова еднаквост во општеството, и особено заложување за вистинска и реална поддршка на сите жени, а со тоа ќе ја отфрли декларативната заложба која никогаш не ги дава посакуваните ефекти.

Настанот го модерираше Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.