Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од партијата соопштуваат дека на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава.

Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина, рекол Мицкоски изразувајќи загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето на датум за преговори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека немањето на волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во Предлог-законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот.

Ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси, истакнал Мицкоски пред Хан.

Во однос на европската перспектива на земјава Мицкоски посочил дека граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската унија што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.

Услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување на европска иднина за Република Македонија, поворил Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.