Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на пресконференција одговарајки на новинарско прашање дали има докази за криминалот на власта за кој опозицијата постојано обвинува и што ќе прави доколку ги има? Одговори дека навистина има многу криминал во Република Македонија. Мицкоски исткна дека треба да постои една траекторија, а тоа е да се пријави онаму каде што му е местото, во едно независно обвинителство, а потоа доколку се докаже тој криминал или сомневањата да се отпочне една судска постапка низ еден фер и транспарентен судски процес, да се дојде до едно конечно решение, потенцира тој.

Голем е бројот на граѓани од различен профил во Република Македонија кои што доаѓаат и кај нас презентираат докази. Заеднички именител и на вашето прашање, но и на сите тие граѓани кои што доаѓаат и презентираат докази, е дека и вие и јас се сложуваме дека има многу криминал. Дека навистина има многу криминал во Република Македонија. Дали тој криминал треба да биде дополнително разочарување кај граѓаните и дали дополнително треба граѓаните да се разочаруваат од криминалот, неисполнетите ветувања и нереализираните очекувања, е веќе социолошко прашање на кое што ќе треба да дебатираме и да зборуваме на начинот на кој што тој криминал треба да биде презентиран. За мене, мислам дека треба да постои една траекторија, а тоа е да се пријави онаму каде што му е местото, во едно независно обвинителство, а потоа доколку се докаже тој криминал или сомневањата да се отпочне една судска постапка низ еден фер и транспарентен судски процес, да се дојде до едно конечно решение. Дали ќе имаме пресуда или ќе имаме ослободителна пресуда. Така што, навистина жалам што живееме во едно општество каде што луѓето се оптоварени со буквално и на секој чекор се среќаваат со злоупотреба, корупција и криминал и практично тој заеднички именител што денеска е кохезивна тема за сите граѓани во РМ, без разлика на политичката, верската или етничката припадност. Сите знаат дека постои криминал, дека тој криминал се случува од најниско до највисоко ниво и ние сега треба тој криминал да седиме и да го трпиме, рече лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.