По сите апсења на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски нема да биде изненаден ако едно утро полицијата затропа и на неговата врата.

Во самата кампања за претседателските избори претседателскиот канидат и претседателот на партијата на власт воедно и премиер наместо да се фалат со проекти, се фалеа со 750 пројави против членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш стана јасно дека е точно она што го зборевме целиот период дека Зоран Заев и групата околу него целосно го имаат покриено судството и обвинителството. 

Мицкоски, кој вечерва гостува во вестите на Алфа ТВ, додаде дека во постизборниот период само продолжило да се докажува дека индициите на ВМРО-ДПМНЕ се исправни и тој не очекува тука да запрат политичко-судските процеси.

И нема да запрат тука, зашто се свесни дека ја губат довербата од народот, свесни се дека немаат проекти, стратегија, визија… и единствениот начин е, како што теоретски си го замислиле тоа, да вршат притисок врз политичките неистомисленици во опозицијата и да втеруваат страв кај граѓаните. 

Мицкоски потсети на последниот монтиран случај во кој се приведени член на Извршниот комитет на партијата, Димитар Димовски, и член на Централниот комитет, претседател на ОК Аеродром, Дејан Митревски.

Обвинението е покренато од обвинител-сестра на поранешен претседател на Социјалдемократската младина и од она што дента се случувало во судот, сфаќам со колкава жестина сакаат да атакуваат врз ВМРО-ДПМНЕ и да ја задушат слободната мисла. 

Мицкоски побара трпение и повика на смиреност за сите емотивни повици дека ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо во врска со политичките прогони на членови на партијата.

Ние не смееме да влечеме политички потези под дејство на емоции. Јас избрав победа во тежок маратон наместо спринтерски пораз. Лично мислам дека дел од тие сценарија ќе биде и проведување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на блиските соработници. Апелирам до граѓаните и до луѓето што ќе останат да се борат да не носат одлуки под емоции. Имам разработено јасен план. Свесен сум дека може и до тоа да дојде, сум разговарал и со моето семејство дека од Зоран Заев и од тие околу него може се да се очекува, па и да дојдат да ме приведат. Апел и до луѓето од една специјална единица од МВР кои деновиве се врткаат околу мојата куќа, наводно го набљудуваат школкскиот двор во близина, јас сум подготвен и нема дилема дека знам која е целта на оваа власт. 

Мицкоски повторно повика на разум наместо емоција, зашто, како што рече, на оваа држава ѝ е потребен крај на Зоран Заев и криминалното владеење на СДСМ, а не брз спринтерски пораз како резултат на емотивна реакција.

Што и да се случи, јас сум подготвен како човек, како претседател на опозицијата, но истовремено апелирам за рационални решенија кои ќе доведат до голем пораз на оваа власт на чело со Зоран Заев и СДСМ, потенцијра Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.