ЕУ треба да се одважи и да даде датум за преговори за Македонија и да не ја уценува државата со дополнителни отстапки, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода.

Мицкоски додаде дека во спорот со Бугарија е прифатливо секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во македонското Собрание.

Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото не убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овој пат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека час поскоро треба Македонија да добие датум за преговори со ЕУ и тоа треба да се случи сега на овој декемвриски европски самит. Мицкоски вели дека не треба кој било од европските политичари да пишуваат писма, туку треба да се следат европските елементарни цивилизациски вредности.

Овој народ многу пати во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности ,овој пат треба Европа да му врати на народот на Македонија и да не не уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да почне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори – изјави Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.