Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со Законот за попис, истакна дека  овој попис, ваков како што е планиран, нема да даде одговор за тоа како Република Македонија треба да се развива.

Тоа е суштината на една статистичка операција. Овој попис нема да даде одговор на тоа прашање. Колку побрзо ќе го повлечат Законот и седнат на маса со опозицијата, за да се направи една вистинска методологија и процедура, толку подобро – истакна Мицкоски.

Тој најави дека ќе имаат активности за иницијативата за укинување на Законот за попис, но дека јавноста ќе биде благовремено информирана преку партиска прес конференција.

Цениме, особено по последните изјави на директорот на Државниот завод за статистика, којшто вчера се извинуваше па се колнеше, жими мајка не мислев така, мислев вака, само се потврдува дека станува збор за обичен театар, шарада и операција којашто нема никаква врска со статистиката. Барем да не ги малтретираат луѓето, нека ги кажат процентите коишто треба да бидат и на луѓе и на домаќинствата за да не го слушаме овој срам со којшто секојдневно се посипуваат владините функционери и државниот врв – посочи Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека тие ќе почнат да се борат и дека ќе ги искористат сите демократски алатки коишто стојат на располагање. Мицкоски ги повика сите парламентарни партии, без разлика дали се од опозиција или власт, да дадат поддршка на таа иницијатива, бидејќи, како што истакна, овој попис ваков како што е, нема да даде одговор за тоа како нашата држава треба да се развива.

Колку побрзо ќе го повлечат Законот и да седнеме да направиме една вистинска методологија и процедура, толку подобро. Велеа не можат да спроведат со фингер-принт, денеска прочитав соседна Албанија на следните парламентарни избори, коишто ќе се одржат во април, веќе во рок од три месеци спровела постапка и обезбедила терминали со кои Државната изборна комисија ќе ги спроведе изборите. Ако не послушаа кога им кажувавме во ноември, во декември и ја почнаа постапката за три месеци истите ќе беа тука, адаптирани и ќе можевме да ги користиме за операцијата попис. Но, тоа некој не сакаше да го направи. Ете, соседна Албанија им одржа лекција како тоа се прави. Но, кај нас таква волја не постои – изјави Мицкоски.

Според него, власта не знае како тоа да го направи.

Тие не знаат да испорачуваат, освен да се корумпирани и да крадат. И да се обидуваат странично, користејќи обвинители, судии да притискаат политичари, бизнисмени и новинари. Тоа е начинот како оваа држава функционира под раководството на Зоран Заев и СДСМ и затоа ќе бидеме 111-тото место и хибриден режим и на дното по странски инвестиции. Со овие луѓе Македонија иднина нема – дециден е Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.