Заедно со делегација од високи партиски функционери, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Италија, Луиџи Ди Мајо.

На средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во државата, претстојните парламентарни избори и европската перспектива на Македонија.

Истакнав дека Европската Унија е главен стратешки приоритет на Македонија, но изразив загриженост поради лошата економска ситуација, недоволното исполнување на реформите и противуставното носење на Законот за јавно обвинителство, рече Мицкоски по средбата.

Потенцирав дека е потребен закон за јавно обвинителство кој ќе биде напишан од експерти кој ќе гарантира вистинско владеење на правото и ќе ја доближи Македонија до Европската Унија. Додека законот кој го предложи владата на СДСМ е крајно неправеден закон со кој единствено се амнестираат криминалите кои се направени во изминативе години, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додал и дека високата корупција и криминалните афери кои се поврзани со високите ешалони на власта, за кои нема никаква правна разрешница, претставуваат сериозен проблем во владеењето на правото и го нарушуваат патот на Македонија кон Европската Унија.

Посочив дека владата која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се посвети на исполнување на клучните реформи и ќе воведе економски мерки со цел доближување на Македонија до европските стандарди и вредности. На средбата ја констатиравме одличната соработка помеѓу двете држави и посочивме дека во иднина постои простор за поголема соработка како на економски така и на научен план, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.