Во овој период често бев прашуван каков треба да биде кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И дозволете да се осврнам на ова прашање. Република Македонија мора да се исправи. Да покаже достоинство и гордост. Да покаже кичма во времињата кога таа ја виткаат, да внесе стабилност во времињата кога имаме несигурност. ВМРО-ДПМНЕ треба да избере човек кој ќе биде претседател на сите граѓани, и кој ќе води бестрашно, непоколебливо и кој ќе работи за Македонија. Потребно е и искуство, животно и професионално, кој ќе биде гаранција за квалитетот во носењето на одлуки. Човек кој ќе се обврзе да го почитува уставот и законите во време кога Уставот е нападнат кој ќе ги почитува традициите од кои произлегуваме, комитите илинденците партизаните-асномците, и оние кои се изборија и го исклесаа референдумот на 8 септември, и сето тоа ни треба денес во време кога се газат целите и каузата за која тие живеа и се залагаа – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната Конвенција на партијата на која се бира претседателскиот кандидат.
Тој вели дека треба личност која ќе ја почитува волјата на народот во време кога гласот на народот е игнориран и запоставуван како што тоа беше со последниот Референдум на 30 септември минатата година.
Избираме личност која ќе даде динамика и импулс на процесите кон Европската Унија кон која се стремиме, и која ја гледам пред се како систем на стандарди кои мора да се постигнат за да нашиот народ живее подобро. Претседател на сите, кој ќе допре до сите, и секогаш кога било кој од граѓаните ќе се чувствува ранливо и обесправено, несигурно, ќе рече јас имам свој претседател на Република Македонија. Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала својата земја, и која е честит, праведен, која ќе обединува и која ќе води во овие тешки моменти. Кој ќе биде компромисен во политиката, но и без компромисен заштитник кога се во прашање принципите, вредностите и интересите на сите граѓани. И сето ова за да ја вратиме правната држава, да се избориме за честита Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.