Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ „Клан“ истакна дека СДСМ и Владата покажале незаинтересираност и немање желба да набават вакцини.

Според Мицкоски, тоа било јасно уште на почетокот, односно тогаш кога најголем дел од земјите набавија вакцини и почнаа со вакцинација.

Тој додаде дека е несериозно власта да вели дека се е под контрола и дека државата одлично се справува со пандемијата, а фактите говорат дека државата нема ниту вакцини, ниту, пак, доволно лекови за лечење на пациентите болни од корона вирусот.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт, со сигурност ќе имаше вакцини во државата, бидејќи како одговорна и сериозна политичка партија, прва и основна задача во ваква ситуација ќе беше да се изнајдат вакцини и да се отпочне процес на вакцинација. Недозволиво ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со апсолутно неважни работи, додека граѓаните чекаат вакцини и молат за спас на нивното здравје. Така да, гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ддодаде дека власта треба да се заслужи, односно да се докаже зошто граѓаните ја дале довербата за таа политичка партија.

СДСМ тоа ниту го покажа, ниту го докажа, напротив демонстрираше неспособност и негрижа за сопствените граѓани, која за жал резултираше и со илјадници загубени животи на наши сограѓани. Тоа не смее да продолжи да се случува, бидејќи граѓаните тоа не го заслужуваат – истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.