Пред точно 21 ден Зоран Заев побара да се гласа доверба на неговата Влада, но не побара на истата таа седница да се гласаат законите за помош на стопанството и граѓаните, кои се недоволни, но сепак подобро нешто отколку ништо. Тие закони се во собраниска процедура уште од месец февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и помешаните приоритети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

И втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од истите на кои поважно им беше да се пофалат дека имаат поддршка од 62 пратеника, која во овој момент ја немаат, и да го покријат фактот што ги потрошиле парите во буџетот па мораа дополнително да се задолжуваат, вели Мицкоски.

Со цел да нема изговори и да излезе на површина фактот кој работи за интересите на граѓаните, а кој за свој личен интерес, Мицкоски бара Собранието на утрешната седница каде и така има предвидено пратенички прашања, пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба.

Или поточно: Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради корона вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход. Ќе потенцирам уште еднаш, иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е отворено барање. Владата и СДСМ да престане со манипулации и незрело однесување. Граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната Влада, вели Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.