Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Канал 5 вечерва отфрли дека ќе има бојкот, но повторно се обрати до власта со предлог да се одложи пописот за шест до 12 месеци
Пописот нека биде електронски е најновата понуда што доаѓа од опозициската ВМРО- ДПМНЕ, што вечерва ја изнесе лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, тој рече дека ваков попис може да се спроведе врз основа на пример од некоја земја која направила такво нешто.
„Да ги вкрстиме базите, дефинирани врз основа на методологијата и ќе ги прифатме резултатите такви какви што ќе излезат, без некакви си двоен, троен потпис. Тоа што ќе го пресмета сметачката машина тоа нека биде“, истакна Мицкоски.
Тој отфрли дека ќе има бојкот, но повторно се обрати до власта, како што рече да преовлада разумот и да се одложи пописот за шест до 12 месеци, кога, како што рече нема да има ниту избори, ниту ваква кризна ситуација.
Доколку не биде слушнат и овој нивен апел, тој најави дека ќе ги повика, не само македонските граѓани тука, туку и дијаспората да се потпишат за поништување на Законот за попис, со што како што рече ќе се остави трага во системот која ќе биде предмет на ревизија од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа сум го разговарал со меѓународната заедница. Доколу има макар еден фалсификат ќе спроведеме електронски потпис. Сакам да верувам дека ќе преовлада разумот во Парламентот и ќе се одложи пописот“, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.