Собраниската седница посветена на пратенички прашања, што требаше да се одржи денеска, беше одложена откако на нејзиниот почеток беше констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, а со тоа и оставката на целата Влада.
Според претседателот на Собранието Талат Џафери, нецелисходно е да се одржат пратеничките прашања, бидејќи Владата е во оставка и тоа, како што тврди тој, е воспоставена практика од минатото.
На одложувањето на седницата за пратенички прашања процедурално реагираше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот Никола Мицевски, оцени дека ова е уште еден обид за бегање на претставниците на Владата од одговорност за, како што рече, катастрофалните политики, криминалот и корупцијата.
Денеска требаше да се одржи 55. седница за поставување пратенички прашања, на која нема претставници на Влада. Она што нас не загрижува и она што Владата упорно се обидува да го забошоти е делот од Уставот каде во член 93 покрај другите ставови каде е регулирана оставката на Владата, ставот 5 вели дека Владата на која и е изгласана недоверба, поднела оставка или на која мандатот и претстанал поради распуштање на Собранието останува на должност до избор на нова влада. Тоа е она за што ние зборуваме, во правото постои институт влада во оставка, тоа е влада која треба да раководи со државата во наредниот период до избор на нова согласно роковите и деловникот што го имаме, рече Мицевски.
Според него, откажувањето на оваа седница е уште еден доказ плус за нетранспарентноста на работата на Владата и за нејзините постојани обиди да побегне од одговорност и давање одговори за лошото работење работата. Од мандат од 17 месеци на оваа Влада, ние, рече тој, има одржано само осум седници за пратенички прашања .
Мицевски побара одговор од Џафери како може владините претставници да можат да образложуваат закони на други собраниски седници, а не може да одговараат на пратенички прашања.
Само денеска има закажани четири седници на кои треба да дојдат и присуствуваат истите министри на кои вие денеска им забранивте да дојдат на седница за пратенички прашања, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери одговори дека е некоректно да се мешаат работи по однос на состојба на распуштање на Собрание и по однос на оставка на премиер, односно Влада.
Тоа не се исти состојби. Распуштање на Собрание не подразбира и престанок на мандат на Владата, туку таа продолжува до изборот на нова влада. По оставка на премиер, следува оставка на цела Влада, а според процедурите и членовите 219 и 220 од Деловникот, Собранието констатира престанок на мандат на Владата, а таа Влада на која и престанува мандат по однос на оставка на премиер по член 93 од Уставот е должна да продолжи да врши работи до избор на нова Влада. Искуствено од претходните мандати и периоди на работа на Собранието никогаш не се случувало на Влада која дала соатавка да и се поставуваат пратенички прашања, рече Џафери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.