Уставниот суд нема право да си дава сам на себе надоместоци, туку тоа право го има единствено Собранието. Ако Министерството за финансии се дрзне да им ги исплати зголемените надоместоци, тогаш ќе одговара за оштетување на државниот буџет, рече пратеникот Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, кој вечерва гостуваше во „Што не е јасно“.

Во услови кога во последниве три години во државава имаме апсолутна дисторзија на сите вредности и на сите сфери во општеството, ова не ме зачудува, заради тоа што и тие судии од Уставниот гледаат дека кога може премиерот на државата да неколкукратно го зголеми своето богаство, кога може неказнето да поминуваат низа владини функционери, па зашто и тие да не се обидат вака против законски надвор од нивните надлежности без Собранието да одлучи да се обидат да си ги зголемат своите надоместоци, истакна Стојаноски.

Стојаноски додаде дека тука има неколку позадини и тоа една од тие за која што смета дека е поважна е дека е одредено ветување на еден судија кој што потенцијално треба да биде дел од нив за зголемување на платата како надомест за друго работно место кое што беше ветувано, а не се исполни. Така да поучени од искуството на неказнивост, поучени од искуството на криминалното богатење зашто да не се обидат и судиите од Уставниот суд.

Надлежностите за тие надоместоци ги има исклучиво Собранието како законодавец. И само Собранието е надлежно за да одлучи дали тие надоместоци треба да се исплатат или не. Еве јас ги повикувам доколку имаат аргументи нека повелат во Собранието, нека образложат зошто е тоа така, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да поставиме прашања па можеби ќе не убедат, ако нивните аргументи се доволно тешки и се почиваат на фактографија која што не може да биде оспорена, зашто да не ги добијат. А, до тогаш тие луѓе немаат право да одлучуваат за надоместоци кои што ќе треба да ги земаат, доколку министерството за финансии се дрзне да им ги испалти тогаш ќе им има одговорност за тој што ќе оштети државниот буџет, нагласи Стојаноски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.